Со Google Maps може да го следите интензитетот на сообраќајот во Скопје

Google maps има интересна опција која може да ви го олесни движењето во Скопје. Со помош на оваа апликација можете да го следите интензитетот на сообраќајот во нашиот главен град во реално време, но и многу повеќе од тоа.

Google Maps апликацијата за мобилни уреди ви овозможува во реално време да го следите интензитетот на сообраќајот во Скопје и да идентификувате места кои се „заглавени“ за да можете полесно да стигнете до вашата дестинација. Секако, ова не е нова технологија, и во многу земји веќе одамна се користи, но сепак е интересно да се разгледа како тоа изгледа и кај нас.

Дополнително, покрај следењето на сообраќајот во реално време можете да следите и трендови – односно, наместо во реално време да видите каков е интензитетот на сообраќјот во одреден ден и час во неделата. Достапни се интервали за секој ден во неделата, но од 6 часот наутро до 22 часот навечер.

Секако, можете и самите да одберете за кој ден и кој период од денот ве интересира, во согласност со вашите потреби. Интересно е да се видат навиките на Скопјани, но и лесно се препознаваат трендови на интензивиран сообраќај, како и класичните „тесни грла“ кои сите добро ги познаваме.

За да разгледате самите како изгледа сообраќајот во Скопје, кликнете тука, или пак изберете ја Traffic опцијата на Google Maps апликацијата на вашиот мобилен телефон.