Со години имавте понижувачко име, рече Лавров на прес-конференција во Скопје

Балканот има проблеми поради однесувањето на Западот, оценува министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

На прашање за македонско-бугарските односи Лавров истакна: Не сум голем експерт за македонско-бугарските односи, можам само да кажам дека луѓето во Македонија имаат целосно право да бидат еднакви во сите активности на нашиот заеднички континент. И не само за односите меѓу Бугарија и Македонија, туку за сите балкански земји. Би рекол дека коренот на сите балкански проблеми лежи во однесувањето на западните сили, особено за државите од поранешните југословенски држави.

За Македонија, истакна дека со години имала понижувачко име, а рече и дека знае како ја добила придавката „северна“.

„Се сеќавам дека со години Македонија беше нарекувана Поранешна југословенска Република Македонија и ова беше понижувачко име, а знаеме и што се случи со името Северна Македонија. Се сеќавам и дека претседател на македонското собрание имаше фотографии со албанско знаме, направени во канцеларијата во Парламентот, рече Лавров.

Ги нагласи пријателските чувства кон македонскиот народ.

„Имаме пријателски чувства кон македонскиот народ. Овде сум два дена, го гледам вашиот народ на улиците, во хотелот. Можам да ја почувствувам нивната топлина, но и нашата кон вас“, потенцира Лавров.