Со донација од ОКТА, корисниците од Здружението „За тебе“ ќе се стекнат со возачки дозволи

Десет корисници, членови на Здружението „За тебе“ („4U“) ќе се стекнат со возачка дозвола преку донација од ОКТА АД - Скопје, со што ќе ги унапредат своите професионални вештини и ќе ги зголемат своите можности за вработување. Младите кои ќе ги користат средствата обезбедени од компанијата за оваа намена се полнолетни лица, кои растеле во СОС Детско село или во домот за деца без родители „11-ти Октомври“. Донацијата ќе ги покрие сите трошоци за обука, здравствени прегледи и полагањата на сите испити до стекнување на возачка дозвола.

„ Поддршката на лицата, особено младите, од социјален ризик е наша долгорочна определба како општествено одговорна компанија. Благодарни сме што имаме можност да им помогнеме на овие млади луѓе кои ги прават првите чекори во својот самостоен живот. Стекнувањето возачка дозвола ќе го унапреди нивниот индивидуален и професионален развој, дополнително ќе ги изедначи со останатите врсници, правејќи ги поконкурентни на пазарот на трудот. Веруваме дека целиот процес на едукација и обука ќе придонесе да станат одговорни учесници во сообраќајот и да ја шират добрата сообраќајна култура за побезбедни патишта“, изјави на свеченото доделување на донацијата главниот извршен директор на ОКТА Вук Радовиќ. 

Здружението „4U“ обезбедува помош и поддршка за млади во социјален ризик во процесот на вработување, при пронаоѓање привремено сместување, но и во опремувањето на нивните живеалишта, обезбедувањето храна, средства за хигиена и други потреби во секојдневниот живот. 

„Поддршката од поединци, организации, помали и поголеми компании на секој наш штитеник му покажува дека не е препуштен сам на себе во животот. Оваа порака, која е најважната, денес ја испраќа и ОКТА. Нивната донација не само што е благородна, туку и доаѓа во вистинско време за вистинските млади луѓе, за кои можноста да се стекнат со возачка дозвола е навистина драгоцена. Верувам дека секој од нив ќе го памети овој чекор на компанијата која не еднаш ја покажала својата грижа за ранливите групи, а особено за децата и младите во социјален ризик“, изјави претседателката на Здружението „4U“ Цеце Николовска, која и самата е поранешна штитеничка на СОС Детско село.

Оваа донација е во рамки на платформа на ОКТА за подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот „ЈАС ВНИМАВАМ“, која компанијата активно ја спроведува веќе петта година по ред. Како дел од платформата досега реализирани се следниве активности – донација на едукативни сообраќајни полигони во основните училишта ширум земјава, обука на децата и продукција на едукативни содржини за нив, донација на рефлектирачки приврзоци за поголема безбедност во сообраќајот на сите првачиња во Скопје, продуцирање и емитување на едукативни видео материјали за најчестите причини за сообраќајни незгоди, донација на механизми за регулирање на работата на семафорите на дел од булеварите во Скопје и  50 уреди за звучна сигнализација на пешачки премини во главниот град наменети за лица со оштетен вид.

Во 2017-та година, платформата „ЈАС ВНИМАВАМ“ беше прогласена за најдобра национална општествено одговорна практика.