Снимен нов македонски игран филм "Награда"

Снимањето на краткометражниот игран филм "Награда" дебитанско остварување на режисерката Лидија Мојсовска, кое траеше од 16 до 19 март на локации во скопските населби Драчево, Ченто и во Керамидница, е завршено. Филмот е во продукција на "Лавиринт продукција# во соработка со Факултетот за драмски уметности.

Приказната во филмот „Награда" е инспирирана од вистински настан, кој се случил за време на верскиот празник Водици. Младиот Арбен во филмот скока по крстот со намера да ја добие паричната награда, бидејќи парите му се потребни за лекувањето на неговото помало братче.

"Филмската приказна во прв план ја истакнува хуманоста и чистата и искрена мисла на децата спроти светот на поделби во кој живеат возрасните", посочуваат од продуцентската куќа.

Актерската екипа во филмот ја сочинуваат професионални актери и деца на возраст од 7 до 12 години. Ликот на Арбен го толкува Албан Лама, а во филмот настапуваат и актерите Аурита Агуши, Ердоан Максут и Викторија Анѓушева.

Дел од филмската екипа се и Жаклина Крстевска задолжена за костимографијата, Братислав Зафировски во својство на мајстор на тон, а монтажата на филмот му е доверена на Михаил Димитров.

Продуцент на филмот е Петар Џуровски. Извршен продуцент е Ирина Лазарова.

Краткометражниот игран филм "Награда# на Лидија Мојсовска е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.