Снимаат и навиваат за посилниот: „Сега сите ќе видат, ќе те ставиме на Фејсбук “

- Дете кое е мирно и со никој не се кара стана мета на насилници се собраа 4-5 дечишта и почнаа да го буткаат детето да го навредуваат да го посрамуваат без причина пред сите нас други што седевме во школскиот двор тој беше со неколку другари и другарки, но они се тргнаа на страна и ништо не правеа, а кога си одеше кон дома они го следеа и му го правеа, истото денес се повтори истата случка, но беше на уште полошо поголеми навредливи зборови поголема провокација и полоши удари, раскажува една скопска ученичка.

Врсничкото насилство во училиштата, за жал не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот, преку интернет или социјалните мрежи. Последен пример за вакво насилство беше во основно училиште во Неготино кое беше снимено и објавено на интернет. Од снимката можеше  да се види како две девојчиња напаѓаат трета соученичка. Другите, пак, гледаат отстрана и снимаат.

Насилството во училиштата не е ретка појава, а често е проследена и со ментално малтретирање. Во ваквите случаи, оштетената личност има аверзија кон училиштето и кон социјалните ситуации, а последиците, како физички, така и психолошки, може да траат цел живот.

-Мојата ќерка беше физички нападната од друга соученичка, бидејќи не сакала да и ги кажува одговорите на писмената задача. Од каде доаѓа оваа агресија и потреба за вакво однесување нависнина не ми е јасно.Тепачката кога почнала никој од одделението не сакал да ги раздвои, стоеле и навиале, раскажува мајка на осмодделенка. 

По овој настан мајката на нападнатото девојче ги изветила директорот, педагогот за случката. Двете ученички биле повикани на разговор. Но, девојчето кое физички си ја нападнала соученичката продолжила да и се заканува и покрај тоа што и нејзините родители биле известени за настанот.