Снежна бура од Шпанија доаѓа на Балканот - македонските метеоролози најавуваат многу ниски температури

Бурата Филомена поради која минатата недела Мадрид беше парализиран од снег, се сели преку Средоземието, а веќе ги зафати источните делови на Балканот и продолжува преку Србија кон Грција и Турција.

Поради Филомена во Мадрид паднала незапаметена количина снег, а температурите се спуштиле до рекордни -36 степени Целзиусови.

Тоа било првиот снег во Мадрид во последните 10 години, а напаѓало околуи половина метар. Толку снег главниот град не забележал во последните 50 години. Истовремено на Гиблартар за само два дена паднала месечна количина дожд.

Метеорологот и колумнист на хрватскиот портал Индекс, Дуња Маз вели дека во последниве неколку годинми се врежало правило ураганите да се преименуваат и кога како вонтропски циклон доаѓаат во Европа, а имињата им ги даваат земјите кои први ќе се најдат на нивен удар.

„Но, го нарекуваме ли ние тој циклон Филомена или не, факт е дека тој е истиот систем, иако во меѓувреме, со поминување на Средоземието, доживеал неколку промени. Тој сега дошол до Јонското и Егејското море и продолжува понатаму кон исток. Со тоа, во краиштата, првенствено Турција, но и делот на Грција ќе донесе невообичаени врнежи“, вели Дуња Маз.

Маз наведува дека преместувањето на овој цилклонален систем кон исток од запад ќе предизвика повлекување на студениот воздух од север, од поларниот круг, кон југ и дека тој изразито студен бран се очекува во Хрватска.

Времето во Македонија ќе биде променливо облачно, од пладневните часови од запад ќе се прошират врнежи кои на пониските места ќе бидат од дожд и ќе преминуваат во снег. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег. Преку ноќта врнежите ќе престануваат. Ќе дува умерен северозападен ветер кој долж повардарието ќе засилува. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 2, а максималната ќе достигне од 4 до 11 степени.

Во Скопје променливо облачно со умерен до засилен северен ветер. Попладне ќе има услови за појава на краткотраен дожд кој понекаде ќе поминува во снег. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне 6 степени.

Поради продор на студена воздушна маса од север денес попладне и во четврток ќе има локални врнежи кои речиси насекаде ќе бидат од снег и позастапени ќе бидат во западните делови каде ќе се создаде тенка снежна покривка понекаде и на пониските места. Во петок и за време на викендот ќе биде суво и многу студено, а температурата во поголем дел од земјава преку целиот ден ќе се задржи под нулата. Во следниве денови ќе дува умерен до повремено засилен ветер од северен правец поизразен утре и потоа во петок и сабота.