Снег паѓа во Скопје

Во моментов снег вее во Скопје. Под влијание на нов влажен бран, времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет, што ќе бидат позастапени во западните делови.

Ќе дува слаб до умерен западен ветер, кој кон крајот на денот ќе се промени во северозападен и ќе засилува.

Утринската температура ќе се движи од минус десет до минус три, а дневната од минус три до четири степени.

Во вторник ќе биде сончево со умерена облачност, студено и ветровито со умерен до засилен северозападен ветер. Во североисточните делови ќе има услови за слаби врнежи од снег.

В среда и четврток ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за магла по одделни котлини. Дневната температура од четврток осетно ќе се зголеми, особено на повисоките места и на планините.