Снаа се возела во ЈСП со пензионерската карта на свекрвата

Злоупотреба на автобуските билети во Скопје се случува секојдневно.

Внуци се возат со пензионерски билети на бабите и дедовците, свекрви им ги позајмуваат на снаите или, пак, маж на жена. Иако се персонализирани и имаат фотографија на нив, злоупотребата на електронските билети на Јавното сообраќајно претпријатие е во пораст, пренесува „Независен весник“. 

Како што пишуваат од порталот, градските контролори понекогаш дневно одземаат дури и до пет билети за возрасни или за студенти. 

„Во последниот случај, кој е регистриран пред само неколку дена, снаата го позајмила билетот за возрасни од свекрвата и се возела во деновите кога е слободен превозот за пензионери. Контролорите ја откриле и беше казнета. Интересен е фактот што размената на билети, и покрај тоа што имаат фотографии и разликата е веднаш воочлива, се прави и меѓу сопружници или браќа и сестри“, велат во ЈСП.

Контролорите имаат право да ја одземат слободната карта, а само вистинскиот сопственик лично може да си ја земе, откако ќе плати казна од 1.000 денари. Пензионерите имаат повеќе бенефиции, па така, освен што четири дена во седмицата се возат бесплатно, можат со доплата од 300 денари секој ден без ограничување да ги користат градските автобуси. Заради тоа, во ЈСП „Скопје“ велат дека кон крајот на годината ќе воведат и нова санкција, а тоа е одземање на билетот на подолг период, на пример, три месеци. На овој начин, сметаат во сообраќајното претпријатие, сопствениците ќе треба да размислат двапати пред да се согласат на злоупотребата.