Смртта на бебето во Скопје е несреќен случај, велат од Обвинителство

Нема елементи за кривично дело во случајот со бебето кое синоќа почина по пад од височина во Скопје. Од Обвинителството за „Макфакс“ велат дека станува збор за несреќен случај.

„Обвинителството ги презема сите дејствија, но не се пронајдени елементи на сторени кривични дела, односно станува збор за несреќен случај“, ни изјавија од Обвинителството.

Женското бебе на 14-месечна возраст почина вчера во приватна болница во Скопје, каде што било пренесено откако паднало од височина од 2,5 метри. Бебето, според полицијата, се оттргнало од рацете на бабата кога биле на меѓукат во влез и преку прозорец паднало надвор. Несреќата се случила околу 16:30 часот.

При падот бебето се здобило со скршеници на черепот и крвавење во мозокот. И покрај интервенцијата во болницата, починало вчера во 19:10 часот.