Смртноста од малигни заболувања во Македонија се зголемува – наскоро, лек кој го уништува ракот ќе почне да се тестира на луѓе

Загрижувачки се податоците од Институтот за јавно здравје, според кои, бројката на луѓе кои умираат од малигни заболувања од година во година е се поголема.

По кардиоваскуларните болести, ова е втора причина за смртност во земјата. Статистиката покажува дека мажите почесто заболуваат од жените. Најзастапен е ракот на белите дробови кај машката популација и ракот на дојка кај жените.  

Дијагностицирањето на карциномот во доцна фаза и немањето можност да биде обезбеден третман, осудува многу луѓе на непотребно страдање и прерана смрт.

Светските експерти посочуваат дека ракот е причина за 1 од 6 смртни случаи на годишно ниво. Раната дијагноза може да спаси многу животи. Ги намалува финансиските трошоци а нејзиното зајакнување ја зголемува шансата за преживување на милиони луѓе кои живеат со малигна болест. Оваа глобална трагедија може да биде надмината со соодветно дејствување на здравствените системи. Но и граѓаните сами можат да придонесат за нејзино спречување.

-Немојте да пушите, не палете цигара во домот, бидете физички активни, јадете здрава храна и ограничете ја употребата на алкохол. Намалете го загадувањето на воздухот во затворени простории и надвор и учествувајте во организирани скрининзи за малигни заболувања...ова се само дел од препораките за намалување на ризикот од појава на рак.

Научен тим од Универзитетот Стенфорд, развил лек за рак, за кој тврди дека само со една инјекција во туморот стимулира имунолошка реакција на организмот која ги напаѓа и сите други тумори кои можеби метастазирале во телото. Ова значи дека лекот може да биде надеж, па дури и повеќе од тоа, за пациентите со поодмината фаза на рак, чии шанси за лекување во денешни услови се сметаат за минимални.

Според „The ​​Week“, се подготвува тестирање на лекот на луѓе бидејќи тестирањето на глувци, според истражувачите, минало „неверојатно добро“. Деведесет проценти од третираните животни биле излечени само по една инјекција, а останатите по уште една. Лекот дејствувал дури и кај глувци кај кои ракот се проширил по целото тело.

Бидејќи една доза на лекот се чини дека е доволна, истражувачите тврдат дека ќе биде ефикасен и што е уште поважно, дека веројатно нема да има несакани ефекти по организмот какви што предизвикуваат другите медоти за лекување на рак.

Истражувањето во врска со овој неверојатен лек беше објавено во научното списание, Science Translational Medicine. Иако оваа терапија се нарекува вакцина против рак, разликата во однос на вакцината против грип и другите инфекции е дека оваа вакцина се дава на луѓе кои се веќе заболени, а не како превентивна мерка.