Вицепремиерот за добро владеење и транспарентност Арбен Фетаи објави дека добил смртна закана на својот службен мејл. Истакна дека пораката е со наслов „За тебе куршум во глава шипо Фетаи“, а внатре текстот е исто така со навредлива содржина.
Според Фетаи, ваквата закана доаѓа еден ден по неговата изјава за отстранување на дефиницијата од 20 проценти за албанскиот јазик. Тој информира дека за оваа закана веќе го известил министерот за внатрешни работи, Панчо Тосковски.
„Не можам да останам рамнодушен на оваа закана. Лично го известив министерот за внатрешни работи, барајќи акција и зголемување на мерките за мое лично обезбедување. Се подготвува тужба, бидејќи заканите и екстремистите треба да го добијат одговорот што го заслужуваат, а тоа е затвор“, стои во објавата на вицепремиерот на социјалните мрежи.
Тој додал дека ги известува сите оние кои имаат „племенски начин на размислување“ дека нема таква моќ што ќе ги спречи од одговорноста што ја презеле како функционери на коалицијата ВЛЕН.
„Јас ги потсетувам сите дека албанскиот јазик не загрозува ништо и никого. Јазикот е богатство, средство за комуникација што служи за разбирање и соработка и затоа никогаш нема да дозволиме албанскиот јазик да биде изговор за овој тип на злосторници да ни се мешаат во работата“, навел Фетаи.