„Смртна казна за силувачите, јавна бесилка, кастрација...“ - Алармот е вклучен по најновите случаи на силувани деца

Два случаи на силувања на деца ја вознемирија македонската јавноста изминатите денови. 

За едниот случај полицијата објави вчера, кога е уапсен 33-годишен маж кој силувал малолетничка со месеци додека престојувал во нивниот дом во светиниколско село. Ѝ пренел и заразна болест.  

Во другиот случај 80-годишник од гевгелиско доби кривична пријава поради силување на 14-годишно момче од валандовско. 

Граѓаните револтирани и згрозени од ваквите вести бараат итни реакции од надлежните затоа што ситуацијата станува, како што велат, алармантна. .

- Итно измени на законот. Најстроги казни за вакви дела. Родителите да „не спијат“, туку да внимаваат на децата затоа што врие од психопати, умоболни, педофили...гласат само дел од коментарите. 

Се оди дотаму и да се бара смртна казна за силувачите, јавна бесилка, кастрација...

Дел од јавноста, впрстот го впери и во родителите и нивната недоволна грижа за децата. 

- Треба децата да се едуцираат за да препознаат вакви знаци на однесување кон нив, за да не дојде до најстрашното или да се спречи во старт, а не злоставувањето да трае со месци, гласи коментар на еден родител. 

Овие два случаи се последните во низата кои, во прв ред, ги загрижија родителите. Казните не се решение во вакви случаи кога страдаат малолетни деца, важно е да се превенира, децидна е јавноста.