Смилевски: Сообраќајниот метеж во Бутел ќе потрае

Сообраќајниот метеж со кој се соочуваат жителите на Бутел ќе потрае вели првиот човек на општината, Велимир Смилевски. Изградбата на втората фаза од булеварот Христијан Тодоровски Карпош кој треба да се поврзе со обиколницата напредува бавно бидејќи линијата стигнува до далекувод кој според градоначалникот е специфичен за дислоцирање, пренесува ТВ21.

„Мислам дека ќе трае малку повеќе но со оглед на тоа дека ќе ја пуштиме улицата Натанаил Кучевишки да влегуваат возилата во еден правец за да може да ја намалиме фрекфенцијата на улица Бутелска“, вели Смилевски.

 Освен метежот уште еден голем проблем за жителите и за општинските власти во Бутел се дивите депонии. Неодговорноста на граѓаните но и неажурноста на општината да ги санкционира луѓето кои фрлаат шут доведе до ситуација на територија на Бутел да се појават 10 диви депонии. Смилевски вели дека половина од нив се веќе исчистени.

 „Повеќе од 500 камиони шут се изнесени од општината и мислам дека тоа е сериозна работа. И не само што ние чистиме лошо е што граѓаните повторно го прават истото. Заради таа потреба формиравме и редарска служба која што веќе почнува да носи позитивни резултати“, додаде градоначалникот на Бутел.

Казните на општината се многу мали вели Смилевски, некаде околу 50 евра во денарска противвредност. 90 проценти од казните се напишани за паркирање во зеленило, останатите се за лица кои исфрлале шут но според него тоа е незначително.