Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски денеска даде отчет за сработеното во првата година од неговиот мандат. Презентираше список на повеќе од 50 реализирани проекти, по што беа посетени четири локации на кои се завршени или се уште е во тек реализацијата на проектите.

Како што соопштија од Општина Бутел, увид бил направен на улица „Александар Урдаревски“, каде што се реализира проектот за изградба на атмосферска канализација.

– Заедно со Градот Скопје втора недела работиме на поставување на нова атмосферска канализација од потегот на кружнот тек до улицата „Бутелска“. Работите ќе се одвиваат во две фази. Првата, што е во тек ќе се одвива до семафорот на ул. „Александар Урдаревски“. Втората од семафорот до ул. „Бутелска“. Работите ќе траат околу еден месец, а сообраќајот се одвива по една лента, иако првично беше планирано улицата целосно да биде затворена за сообраќај. Сепак, сакам да им се обратам на граѓаните и да ги замолам за трпение и да ги користат алтернативните патишта, изјавил градоначалникот Смилевски.

Тој, како што стои во соопштението, ја посетил и ул. „Натанаил Кучевишки“, една од алтернативните улици што води до новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“. Оваа улица неодамна добила ново улично осветлување со комплетно променета електрична инсталација. Градоначалникот на Бутел посочил дека досега се поставени повеќе десетици електрични столбови и канделабри, а најважно е, подвлекол, што постојните светилки се заменуваат со нови штедливи 70 ватни натриумови светилки.

За десетте асфалтирани улици, се посочува во соопштението, како пример беше одбрана улицата „Душко Поповиќ“ каде што градоначалникот посочил дека ќе се продолжи со одржување, реконструкција и рехабилитација на патната инфраструктура. Инаку, информираат, за веќе асфалтираните улици потрошени се повеќе од 3 500 000,00 ден. од буџетот на Општина Бутел.

Последната локација што ја посетил денеска градоначалникот Смилевски бил паркот спроти поликлиниката Чаир каде што е изградено ново детско игралиште, пешачка патека и е поставено ново осветлување. Смилевски истакнал дека  во изминатата прва година од неговиот мандат се реализирани повеќе од 50 проекти кои се рамномерно распоредени во сите населени места во Општината.

– Останува во втората година да реализираме уште повеќе и уште подобро. Се разбира, за потребите на граѓаните и за подобрување на нивната култура на живеење, изјавил градоначалникот на Општина Бутел Смилевски.