Смарт сити – концепт за иднината без алтернатива, предизвик дигиталниот јаз

Концептот на смарт сити или паметен град подразбира интегрирање на новите технологии, податоци и иновации во управувањето и развојот на градовите обезбедувајќи најдобри резултати за заедницата и животната средина, преку подобрување на локалната економија, одржливост, безбедност и отпорност. Тоа е концепт без алтернатива кој подразбира дигитално писмени граѓани. Секој модерен град денес е дигитализиран град, а дигиталната инклузија е приоритет за секоја локална администрација која сака да се смета за успешна.

Горан Бабушку електроинженер, кој повеќе години живее и работи во Австралија од пред две години раководи со тимот на Општина Стонингтон, Мелбурн задолжен за решенијата за дигитален или паметен град (Smart City Delivery Lead).

-Со напредокот на технологијата ние сите живееме во т.н. паметни градови каде модерните технологии се користат околу нас во поголема или помала мера. Целта е овие технологии да се спојат, централизираат и најдобро да се искористат за решавање на проблемите на граѓаните. Некои понапредни градови кои концептот на паметни градови го применуваат на консолидиран и пософистициран начин се Барселона, Копенхаген, Базел, Филаделфија, Сеул, Сингапур, Лондон, Мелбурн. Човек може да се сретне со применети модерни технологии и во многу други помали градови, но целта не е градовите да се натпреваруваат туку да ги споделуваат искуствата од постигнатите резултати, сеедно дали тие искуства се добри или лоши, потенцира Бабушку.

Тој нагласува дека клучен белег на „смарт сити“ е соработката помеѓу локалната заедница, волонтерите, старт ап компании, индустријата, генерално бизнис заедница. Во процесот на управуавње најважен дел е прибирањето информации од граѓаните, од бизнисот и внатре од општината со цел координирање на сите активности. Смарт сити значи и поддршка на локалната економија, на старт апите ако се користат нивни производи при управување со процесите во локалната заедница. Пример е производство на сензори за следење на кввалитетот на воздухот, кои можат да се применат и при мерења во затворени простории за создавање оптимални услови за работа.

-Почнавме да работиме на некои мали проекти, пилот проекти едни од нив беа осветлувањето на паркови со далечинска контрола, односно паметно осветлување, потоа паметно паркирање, како и примена на сензори за следење на фреквентноста на сообраќајот, односно бројот и видот на возила, брзината на движење, бројот на пешаци, на велосипеисти низ мрежата на градските сообраќајници. Како луѓето во општината  дознаваа за овој мониторинг сваќаа дека можат да бараат многу повеќе од новата технологија, сообраќајните инженери увидоа дека со помош на таа технологија можат да го направат сообраќајот побезбеден, вели Бабушку.

Тој нагласува дека ова е само почеток и како ќе напредува собирањето информации ќе дојдат нови генерации кои токму на база на тие податоци ќе можат да ги решаваат новите предизвици. Новата дигитална технологија се користи и во управување со отпадот.

Сумата која се издвојува во општината за смарт сити не може да се дефинира конкретно, бидејќи вели тоа е концепт кој се обидуваат да го применат во секој проект, да имаат транспарентна контрола и управување со сите средства на градот со цел да го подготват за иднината. Вклучува далечинско управуавње од едно место, од една контролна табла на јавното осветлување, тоалетите во парковите, паркинзи, деловни објекти, до рекреативни центри, локални спортски клубови па се до манифестации и настани на отворено со што се поедноставува процесот на работа, се заштедува на човечки и материјални ресурси, на електрична енергија, а се добиваат квалитетни услуги.

Дигитална инклузија

Дигиталната инклузија е неразделна од смарт сити концептот бидејќи подразбира вклученост на секој член од заедницата, и најмалите маргинализирани групи да станат дел од современите дигитализирани процеси. Потврдено е низ истражувања дека дигиталната нееднаквост ја засилува социјалната нееднаквост, а интерес на секоја општина е таквиот дигитален јаз да го намали или целосно да го

Во Австралија, секоја општина дигиталната инклузија ја спроведува на начин кој соодвтетствува на нејзините потреби, според возраста на населението, припадноста на различни говорни подрачја, и пристапот до хардвер и интернет. Нашата општина е на самиот почеток од структурно имплементирање на смарт сити концептот.  Други општини се понапред со примената на новиот коцепт, како што е Кејси, една од поголемите општини на југот од Мелбурн со значајно население на социјално и економски загрозени семејства.

Со цел намалување на дигиталниот јаз градот Кејси лани ја лансираше својата прва рамка за дигитален капитал за подобрување на дигиталната правичност и зајакнување на општината. Развиена во консултација со жителите на Кејси, бизнисите и групите во заедницата, рамката поставува насоки и активности за испорака на дигитални ресурси и инфраструктура за подобрување на онлајн пристапот, довербата и дигиталната писменост низ Кејси.

Ставот на локалната администрација е дека сите членови на заедницата заслужуваат фер пристап до дигиталните ресурси и придружните придобивки, што пак гради дигитално зајакнување и дигитална демократија.

Меѓу првичните активности утврдени со рамката се: зголемување на пристапот до интернет: идентификување клучни локации за инсталирање бесплатни јавни станици за Wi-Fi, мапирање бесплатни wi-fi точки преку креирање онлајн мапа за организациите за услуги на заедницата, училиштата и општата заедница и градење дигитални вештини за надминување на социјалната изолација на ранливото население и дигиталното исклученост влошени од Ковид – пандемијата.

Дигиталната инклузија, дециден е Бабушку, е елемент кој треба да се спроведува и да се поддржува. За тоа се потребни две точки како да се обезбеди бесплатен интернет или евтин интернет и компјутер. Одличен пример за ова е градот Филаделфија каде градските власти, вели во договор со телекомуникациските компании ги отстапуваат крововите од нивните општински објекти за инсталирање на мрежа од антени за 5Г во замена за многу поефтин интеренет за социјално загрозените жители на градот.

-Маргинализираните лица можат да бидат еден процент, можат да се и 0,1 процент од населението, но тие се многу битен елемент кој мораме да го доведеме до нула, подвлекува Бабушку кој со голем ентузијам им приоѓа на прашањата на социјална, односно дигитална инклузија.

Во Лондон градските власти лани промовираа Услуга за дигитална инклузија која ќе биде развиена во партнерство со Лондонската канцеларија за технологија и иновации (LOTI) и добротворна организација а ќе им помага на луѓето да добијат уреди, вештини и прифатлива поврзаност.

Како што објави глобалниот магазин Cities Тoday, според направените анализи, недостигот на уред е пријавен како еден од главните фактори кои придонесуваат за дигитално исклучување и услугата за дигитално вклучување ќе ги охрабри големите организации и бизниси да донираат несакани телефони и лаптопи кои треба да се реновираат. Со проектот ќе се нуди бесплатно или евтино мобилно поврзување преку „банка на податоци“ и промоција на „социјални тарифи“ – евтини интернет конекции од телекомуникациските фирми.

Се проценува дека 270.000 жители на Лондон немаат пристап до интернет, а уште два милиони имаат многу ограничен пристап, односно немаат сопствен уред или се борат да користат онлајн услуги. Со новата услуга треба да се поддржат до 75.000 луѓе во текот на три години, при што за едногодишниот пилот период ќе бидат вложени 545.000 фунти (667.00 американски долари).

„Донирај компјутер“ – успешен домашен модел

Одличен пример за поддршка на дигитална инклузија во Македонија, пак, вели инженер Бабушку, е Донирај компјутер. За ДК разбрал од Твитер, а поактивно почнал да ги следи на Linked In.

-ДК се есенцијален дел на еден smart city, да не кажам критичен дел. Во момент на драстичен развој на технологиите многу е важно на сите граѓани да им биде овозможен пристап до модерните технологии. Неодамна Обединетите Нации го прогласија пристапот на интернет како основно човеково право, а активностите на ДК се основен елемент во тој мозаик на дигитална инклузија. Овие активности не само што треба да се пофалат туку активно да се поддржат од властите, индустријата и народот. ДК ја имаат комуникацијата со локалните заедници и волонтерите (community engagement), со донаторите (stakeholders engagement) и со медиумите (public relations), оценува ИТ експертот.

Во Австралија, посочува тој, и покрај тоа што е високо развиена земја има потешкотии како да се пристапи до овие заедници за да се слушне нивниот глас. ДК тоа успешно го имплементира, 1700 семејства на кои им е дониран компјутер не е занемарлива бројка.

Тука е важно да се напомене дека ДК со нивната идеа активно придонесуваат и за продолжување на животниот век на навидум застарената технологија со што се намалува електронскиот отпад што е во основа циркуларна економија (circular Economy).

Тој целосно ја поддржува активноста на оваа непрофитна и невладина организација, а денес нивните релации се на планот на размена на идеи и сугестии за потребата од подигање на свеста за значењето на дигитална инклузија во земјава.

Донирај компјутер и неговиот основач Борче Стаменов заедно со тимот, веќе шест години волонтерски работи на тоа секое семејство во државата да има по барем еден компјутер бидејки компјутерот е потребна алатка за учење, а не луксуз. Со донации на половни компјутери низ територијата на цела Македонија досега на над 1700 семејства им е обезбеден компјутер.

Рената Наумовска, специјалист за комуникации, која е еден од волонтерите кои посветено работат на постигнување на целите вели дека на Донирај Компјутер му е потребна помош, бидејќи предизвиците кои стојат пред нашето општество во контекст на фаќање на чекор со светот се огромни.

-Никого не одбиваме и за секого сме отворени, резултатите зборуваат сами за себе: -1708 донирани компјутери, летна пракса (обука) за 15 деца од техничкото училиште „Киро Спанџов Брко“ во Кавадарци, (по двајца на ден заради просторот). Работиме и на тоа како со секој компјутер да обезбедиме и бесплатен интернет, но и соодветен простор за обуки, за времено складирање на донираните компјутери, вели Наумовска.

Нареден чекор на ДК, вели таа, би бил: одржување на компјутерите и обука на граѓани како да користат компјутери, обука за родителите и децата во семејствата каде што одат компјутерите како да ги користат, со можност за  понапредни програми за,децата, а за повозрасните некоја квалификација која што би можеле да им донесе вработување, за пензионерите како да платат сметки онлајн. Од тука се појавува и потребата да ги научиме и како да се заштитат додека се онлајн, што би довело до понатамошна едукација од типот на сајбер безбедност и уште и обука за cyber hygiene.

Копенхаген на врвот на листата на дигитални градови во светот

Копенхаген е прв на листата меѓу петте „најпаметни градови“ според новиот Индекс на дигитални градови на Економист Импакт, група за истражувања и анализи на Економист Груп.

Како што објави магазинот „Cities Today“, според истражувањето спроведено оваа година, второрангиран град е Аместердам, трет е Пекинг, а Лондон и Сеул го делат четвртото место. Анализата вклучува 30 градови кои се евалуирани во однос на четири категории; поврзаност, услуги, култура и одржливост.

Истражувањето комбинира квантитативна и квалитативна анализа и анкета на 3.000 жители низ градовите. Резултатите покажуваат како функционираат градовите во однос на мерливи критериуми како брзина на интернет, како и квалитативни фактори како што се присуството на стратегии и политики за технологии како 5G и вештачка интелигенција.

Според градската администрација на данската престолнина успехот се должи на усвојувањето на многу дигитални решенија од кои граѓаните имаат бенефити во секојдневниот живот. Станува збор за најразновидни услуги при што секој граѓанин има дигитален идентитет и речиси секој ја добива својата пошта од властите преку интернет.

Но, успехот на градот, наведуват, не се заснова на техничкиот елемент, туку на довербата како клучен фактор за висoко ниво на дигитализација на градот и силниот фокус на дигитални решенија кои придонесуваат за пoодржлив град

Се предвидува дека трошењата за технологија за паметни градови до 2025 година ќе достигне 327 милијарди долари, од 96 милијарди долари во 2019 година.