
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, заедно со директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, додели дел од сертификатите на учесниците во втората обука од Регионалната програма за сертификација на водичи на службени кучиња за откривање мириси на производи за 2026 година.
Во обраќањето, Јанев истакна дека ваквите обуки не значат само стекнување нови знаења и вештини, туку претставуваат пример за значењето на регионалната соработка, размената на искуства и заедничкото градење на посилни безбедносни капацитети.
„Службените кучиња и нивните водичи се важен дел од полициското работење во откривањето дрога, оружје, експлозиви и други недозволени предмети, но и во обезбедувањето на јавниот ред и мир и јавната безбедност, како и во реализацијата на најсложените полициски задачи“, истакна Јанев.
Тој посочи дека Единицата за службени кучиња при Министерството за внатрешни работи во изминатиот период постигнала значајни оперативни резултати и била ангажирана во голем број полициски активности и акции.
„Само во 2026 година, тимовите со службени кучиња беа ангажирани во над 250 случаи за откривање експлозиви и експлозивни направи, како и во бројни случаи за откривање опасни дроги, оружје и муниција. Тоа се резултати зад кои стојат професионалност, дисциплина, посветеност и силна тимска работа“, нагласи директорот на БЈБ.
Јанев упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ и донаторската заедница за континуираната поддршка, како и до Европската агенција за гранична и крајбрежна стража и стручните тренери кои учествуваат во обуките.
„Кога споделуваме знаење, искуство и одговорност, стануваме посилни заедно. Продолжуваме да инвестираме во луѓето, знаењето и современите полициски капацитети“, порача Јанев.