
Објава на жителот на Кратово, Марио Станојковски, предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, откако тој јавно побара институциите да ги проверат наводите за наплата на влез и ограничување на пристапот до локалитетот „Куклите“, еден од најпознатите природни феномени во Македонија.
Во својата објава, Станојковски тврди дека повторно бил спречен да влезе на локалитетот и дека одредени посетители плаќале пари за пристап, верувајќи дека станува збор за приватен имот.
Според неговите тврдења, разговарал со туристи од Косово кои му кажале дека платиле по 10 евра за влез, додека при претходна посета им биле побарани по 20 евра по лице.
Станојковски ги повика медиумите и надлежните институции да излезат на терен и да утврдат што навистина се случува на локалитетот, а во врска со неговите тврдења, Скопје Инфо упати прашања до Министерството за внатрешни работи.
Од таму за Скопје Инфо велат дека во 2024 година, настанот бил пријавен и во ОВР Кратово, а потоа до Основно јавно обвинителство Куманово, било пуштено известување за преземени мерки и активности за локалитет „Камени Кукли“.
„Од OJO Куманово е покренат обвинителен акт против лицата С.Д. и М.Д. како и против здружението „Извор“ за кривично дело „узурпација на недвижности“ по член 225 од ст. 1 од Кривичниот законик на РСМ, а против лицето С.Д. е изречен и казнен налог, во врска со закани за пуштање на куче, на лица-туристи кои биле во посета на локалитет „Камени кукли“ во с.Куклица, кратовско“, посочија од МВР.
Додаваат дека во годинава, против С.Д. и нејзиниот сопруг Е.М.Б., била поднесена кривична пријава по чл. 382 ст. 3 од Кривичниот законик на РСМ за „спречување на службено лице во вршење на службено дејствие. “
„Во врска со настаните пријавени на 07.06.2026 година во с.Куклица, локалитет „Камени Кукли“, кратовско, известен е јавен обвинител при ОЈО Куманово, а од страна на ОВР Кратово, дополнително ќе бидат известени ДПИ, УЈП и Трудов Инспекторат, надлежен инспектор при Министерство за култура и Општина Кратово, за преземање на мерки и активности од нивна надлежност“, нагласија од МВР.