Вредни археолошки предмет, стари речиси 2 илјади и петстотини години се пронајдени во охридско-струшкиот регион. На прес-конференција, на која ексклузивно беа изложени некои од пронајдоците, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, објасни дека станува збор за голем научноистражувачки успех, кој не само што фрла нови светла врз археолошката историја на нашата земја туку и претставува значаен придонес во европското и светското археолошко наследство.
„Пред нас и пред целата јавност денеска ексклузивно ги презентираме вредните наоди откриени на локалитет во Охридско-струшкиот Регион. Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период (6 век пр. Христа), која по многу нешта личи на далеку попознатата требенишка некропола, која е во непосредна близина. Во рамките на гробната целина регистрирани се 80-ина наоди, од кои некои се пред нас. Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања, кои го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание и понатаму се значајни за нашето разбирање на историскиот контекст“, рече министерот Љутков.
Тој информира дека археолошките истражувања се дел од проектот за „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ на Археолошкиот музеј, што се одвиваат на локалитетот Расница во атарот на с. Корошишта, Струшко. Сè почнало во 2020 година кога Шефит Шемшедини при извршување земјоделски работи во атарот на с. Корошишта, Струшко, открива бронзен шлем, кој потоа го предава во Заводот и Музеј Охрид.
Инаку, во Охридско-струшкиот Регион досега се истражувани голем број некрополи од архајскиот период, со богати гробни наоди, што сугерира на активен живот на високоорганизирана социјална елита на овој простор во тоа време.
На прес-конференцијата, на која беа изложени ексклузивно некои од пронајдоците присуствуваа и директорите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, НУ Археолошкиот музеј од Скопје и на НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ од Струга, Горан Патчев, Славица Бабамова и Цветлана Василевска, како и археологот Перо Арџанлиев, со дел од тимот археолози.