Слоници од Брисел доаѓаат во Скопје, годинава пингвините нема да се вселат во ЗОО

По повеќе од две децении скопската Зоолошка градина ќе има слон. И тоа не еден, туку две слоници од зоолошка градина во близина на Брисел.

Како што пишува Независен, и двете се од расата индиски слон, имаат по триесетина години и не се во крвно сродство. Живеалиштето им е изградено, подготвена е комплетната потребна инфраструктура, кадар има, впрочем, исполнети се сите услови слоновите да се преселат во Скопје. Неодамна претставници од белгиската зоолошка ја посетиле нашата ЗОО за да направат увид на теренот.

„Генерално, претставниците од зоолошката од Белгија беа задоволни од условите за живот што ги обезбедивме за слониците. Деновиве и официјално очекуваме извештај од нив, односно зелено светло за да продолжиме со процедурата за организирање на транспортот и слично. Очекуваме најдоцна до средината на летото слониците да пристигнат во Скопје“, ни изјави Јорданчо Милошевски, директор на ЗОО, кој и покрај тоа што очекува наскоро да биде разрешен од раководната функција е посветен на ЗОО со истиот жар како и во изминативе години откако раководи со неа. Милошевски вели дека слонарницата е комплетно готова, а можат да ја видат и сѐ помногубројните посетители. Изградена е на површина од 3.200 квадратни метри и се состои од внатрешен и надворешен дел, соодветно поделени за живеење на два слона. Внатрешното живеалиште е составено од повеќе делови, како дел за хранење и спиење, дел за набљудување, дел за посетители, поставени се специјални прегради во делот каде што се чистат ушите на слоновите, ноктите... Живеалиштето се изгради со пари од градскиот буџет.

Независно од големиот ангажман околу слоновите, од ЗОО интензивно работат и на завршување на живеалиштето на мајмунот Коко, кој треба да се врати од социјализација од Холандија. Поради депресија во која падна откако почина мајка му, во април 2009 година, кога имаше 13 години, беше транспортиран во институтот за ресоцијализација на шимпанза „Алмере“ во Амстердам. Не е исклучена можноста, велат од ЗОО, заедно со Коко од Холандија да дојдат и две други шимпанза.

Во меѓувреме, надлежните преговараат да донесат и морски лав, кој ќе му прави друштво на Кан, кој остана сам откако пред речиси една година загина брат му Аби.

Пингвини нема да има оти нема пари за живеалиштето

Повеќе од извесно е дека годинава, и покрај најавите, во ЗОО нема да се вселат пингвини. Живеалиштето за нив не е готово. Изградено е до половина и градежните работи се запрени бидејќи нема пари.

„Идејата за пингвините е статус кво. Живеалиштето е изградено до половина и таму застанавме оти веќе немаме пари за реализација на проектот“, вели Милошевски. Се надева дека градските власти ќе обезбедат средства за доизградба на пингвинарницата или, пак, ќе се бара заинтересиран спонзор кој би инвестирал во живеалиштето за пингвините.