
Скопјанката Рина Киркова Танеска преку објава на Facebook го сподели своето искуство со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), откако во период од неполн месец шест пати лично ја посетила институцијата во обид да го регулира паркирањето во Буњаковец. И покрај бројните телефонски разговори, доставените документи и подготвеноста да ги плати побараните надоместоци, таа тврди дека сè уште не успеала да го реши проблемот.
Нејзината приказна започнала во средината на септември, кога на своето возило, прописно паркирано на место за резиденти во Буњаковец, затекнала казна. По телефонски разговор со службата за корисници, како што наведува, ѝ било потврдено дека казната е издадена по грешка, но сепак морала да поднесе приговор.
При обидот да го направи тоа, најпрво ја упатиле на онлајн апликацијата, која, според неа, не функционирала како што треба, по што повторно морала да оди во ПОЦ.
Проблемите продолжиле кога се обидела да ги продолжи договорите за паркирање. Тогаш дознала дека ПОЦ има нов правилник, според кој за резидентна дозвола потребно е станот, личната карта и сообраќајната дозвола да бидат поврзани со иста адреса.
Танеска објаснува дека живее во стан во Буњаковец кој е во сопственост на нејзиниот татко, додека тој живее во нејзин стан во Центар. Според нејзиното сведоштво, најпрво ѝ било кажано дека може да го регулира паркирањето со плаќање 24.000 денари, но потоа добивала различни информации за потребните документи и постапката.
Особено непријатно искуство, како што раскажува, имала на 21 октомври, кога отишла на претходно договорена средба со раководно лице од службата за корисници. По чекање од повеќе од еден час, следувала расправија околу условите за паркирање.
Таа тврди дека во разговорот ѝ било кажано дека може да поднесе барање до комисија, но и дека, поради нејзиното однесување, ќе се видело дали комисијата воопшто ќе ѝ дозволи паркирање.
Кога најавила дека ќе побара средба со градоначалникот, според нејзините зборови, добила одговор: „Слободно, ене ви ја вратата“.
„Понижена, навредена и со упатени закани се вртам и си одам. Без решение за проблемот“, пишува Танеска.
Таа додава дека истото раководно лице дваесетина минути подоцна телефонски ѝ се извинило и ѝ закажало нова средба.
На 28 октомври повторно отишла во ПОЦ, каде што, како што наведува, ѝ било објаснето дека за продолжување на двата договора би требало да плати по 12.000 денари, при што за едниот договор дополнително требало да одлучува комисија.
Наместо да чека одлука, решила да ги промени личните документи за да ги исполни условите од новиот правилник. На нејзино изненадување, целата постапка во МВР и Катастарот ја завршила за два дена, со вкупен трошок од околу 1.500 денари.
„Сега ги исполнувам сите пропишани услови со новиот правилник за 0 денари“, наведува таа во објавата.
Но, кога на 30 октомври по шести пат отишла во ПОЦ, со нова лична карта, сообраќајна дозвола и имотен лист со иста адреса во Буњаковец, повторно не успеала да го продолжи договорот.
Овој пат, според неа, образложението било дека постојниот договор сè уште гласи на името на нејзиниот татко и важи до 24 ноември, поради што мора прво да истече или да биде раскинат. Притоа ѝ било објаснето дека по поднесувањето ново барање ПОЦ има рок од седум дена да ја извести за одлуката.
„А јас тие седум дена каде да ја паркирам колата?“, прашала таа, на што, според нејзиното сведоштво, вработената само кренала раменици.
Танеска наведува дека испратила електронска порака до градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, со барање за прием и објаснување на целата ситуација, но до моментот на објавување на нејзиното сведоштво не добила одговор.
„За цело време барам само едно: Да ми кажат што треба да доставам и колку треба да платам. Не барам привилегија. Не барам некој да прекрши правило за мене. Не барам бесплатно паркирање“, пишува таа.
По шест лични посети, бројни телефонски разговори и повеќекратно доставување документи, скопјанката решила повторно да се обиде да аплицира онлајн.
„И така, на крај решив онлајн да пробам да аплицирам и да видам што ќе се случи. Продолжението очигледно следува...“, ја завршува својата објава Танеска.