Слика на луксузен хотел во каталогот, објект во изградба во реалноста - туристички непријатности

Слика на луксузен хотел во каталогот, објект во изградба во реалноста, наместо климатизиран автобус, превоз со тесно миникомбе, две-три парчиња салама и посен ручек претставени како богата шведска маса. Ова се само дел од незгодните ситуации при организираните туристички патувања, кои на летувалците им го претвораат одморот во пекол.

Основно правило е да се купува туристички аранжмани само од регистрирана туристичка агенција во Министерството за економија. Но, и тука треба да се отворат четири очи, бидејќи во земјава работат дури повеќе од 550 агенции, од кои околу половината се со лиценца А, а другите поседуваат лиценца Б. Според законот, агенциите што поседуваат лиценца А можат да бидат комплетни организатори на патувањата, а тие што поседуваат лиценца Б само се посредници во продажбата на туристички патувања. Повеќето примери од минатите години со заглавени македонски туристи низ светот покажуваат дека и аранжман склучен со лиценцирана агенција не дава стоотстотна заштита од кошмарно летување.

Пред да склучите договор и да добиете потврда за патувањето, вообичаено е да пополните пријава за патувањето. Поголем број агенции бараат со пријавата да дадете одреден процент од цената на услугата (најчесто 25 отсто), со што се смета дека пријавата, пополнета од

Ваша страна, е сериозна. Должни сте целата сума да ја доплатите пред поаѓањето, кога ќе бидат обезбедени сите документи со кои патувањето и престојот можат да се остварат.

На крај, задолжително земете фискална сметка за платената сума и чувајте ја до крајот на патувањето. Таа ќе ви затреба ако сакате да ги остварите своите права кога сметате дека туристичката агенција не го испочитувала склучениот договор.

Организаторот на патувањето, односно агенцијата, одговара за секоја штета предизвикана од целосно или делумно неизвршување на обврските предвидени со договорот. Тоа значи дека организаторот одговара и во случај кога во ангажираниот хотел нема сместување и не може да најде алтернативно адекватно сместување, на пример, кога наместо апартман, добивате соба со два кревета, но и кога превозникот нема доволен број седишта за сите патници.

Пријава до Пазарниот инспекторат

Во секој случај, организаторот е должен да понуди, без дополнително плаќање, адекватен алтернативен аранжман и во согласност со потрошувачот, патувањето може да продолжи. Ако има разлика во цената помеѓу договорените и дадените услуги, организаторот е должен разликата да му ја надомести на потрошувачот.

Ако понудениот алтернативен аранжман е неприфатлив или невозможен за клиентот, организаторот е должен да обезбеди, без доплата, адекватно превозно средство и да го врати на местото на поаѓање или на друго договорено место.

Сите што ќе искусат непријатност при организирано туристичко патување може да реагираат вонсудски и судски.

Најпрво што треба да направат е да поднесат претставка во Државниот пазарен инспекторат во рок од 8 дена за поднесување. Доколку инспекторите утврдат дека туристичката агенција ги прекршила потрошувачките права на граѓанинот, пазарните инспектори ја задолжуваат Агенцијата да постапи според предвиденото во договорот, а ако тоа не се исполни, ќе следува забрана за вршење на дејноста. Исто така, граѓаните можат со тужба да поведат и судска постапка. Во зависност од големината на штетата, казните за агенциите што не го почитуваат

Законот за туристичка дејност се движат од 1.000 до 3.000 евра.

Патниците како што имаат права, имаат и обврски. Тие се должни да ја платат договорената цена, да ги достават податоците потребни за организирање на патувањето, секогаш да се појавуваат на означеното место, да соработуваат со водачите и за сите пропусти да го известат организаторот по писмен пат.

Нивна должност е да се грижат за личниот багаж, личните исправи, да ги исполнуваат условите предвидени со царинските, санитарните, монетарните и другите административни прописи.