Слепите точки во љубовта и зошто е важно да ги препознаеме?

Во сите врски – љубовни, пријателски, семејни, постојат моменти што не ги забележуваме.

Photo by Andre Furtado

Не затоа што не сакаме, туку затоа што ни е полесно да не гледаме. Овие делови од односите се нарекуваат слепи точки. Тоа се оние тивки промени, оддалечувања, скриени чувства или несказани зборови што полека, но сигурно, се насобираат меѓу луѓето.

Слепите точки можат да изгледаат безопасно на почеток – прашање чиј одговор се избегнува, одговор без ентузијазам, поглед што не се среќава. Едно „нема ништо, се е во ред“ што го прифаќаме како вистина, иако интуицијата ни кажува дека има. И така, малку по малку, градиме ѕидови без да сакаме. Љубовта не исчезнува одеднаш, таа тивко се губи во работите што не ги гледаме навреме.

Човечки е да не можеме да видиме сè. Но проблемот настанува кога слепите точки стануваат начин на однесување, кога игнорирањето на чувствата на другиот станува навика. Тогаш луѓето кои ни значат најмногу, почнуваат да се чувствуваат невидени. А најтажниот момент во една врска е кога некој ќе си замине, не затоа што не бил сакан, туку затоа што бил замолчен и невиден доволно, непрепознаен со она што е.

Љубовта не значи само да бидеме физички присутни. Таа бара емоционална будност. Да прашаме: „Како си, навистина?“ и да слушаме без да брзаме со одговор. Да забележиме кога некој е повлечен, кога нешто е различно, дури и ако не сака да зборува за тоа. Да бидеме таму, не како спасители, туку како поддршка.

Важно е да запомниме: слепите точки се неизбежни, но не се и крај. Секоја врска може да се обнови ако постои желба да се види и она што не е лесно да се види. Ако сакаме да бидеме блиски со некого, мора да бидеме подготвени да ја погледнеме вистината – и во себе, и во другиот.

Љубовта не е совршена. Но таа може да биде вистинска. А вистинска е тогаш кога гледаме, кога слушаме, кога се трудиме. Не само кога е лесно, туку токму кога не е. Бидејќи љубовта не умира од недостаток на чувства – туку од недостаток на внимание.