Следната недела од Македонија ќе може да се види делумно затемнување на сонцето - Трајковски со совет како најдобро да се набљудува

Универзитетскиот професор Дејан Трајковски во објава на Фејсбук информираше дека следната недела, од Македонија ќе може да се набљудува делумно сончево затемнување.

„На 12 август 2026 година, од Македонија ќе може да се набљудува делумно сончево затемнување. За Битола и околината, затемнувањето ќе започне во доцните попладневни часови, според локалното време, Месечината ќе почне да го допира сончевиот диск околу 19:31 часот. Максимумот на затемнувањето за нашата локација ќе се случи во 19:34 часот, кога Месечината ќе покрие 6.36% од дијаметарот на Сонцето (магнитуда 0.0636), што одговара на скромни 1.91% покриеност на вкупната површина (обскурација)“, посочи Трајковски.

Ова значи, како што вели тој, дека Месечината едвај ќе допре еден мал агол од Сонцето, па за визуелно да се забележи овој детал ќе бидат задолжителни соодветни темни заштитни очила или филтри.

Сепак, професорот наведе дека најголемиот предизвик за битолчани ќе биде самата позиција на Сонцето на хоризонтот.

„На 12 август Сонцето во Битола заоѓа во 19:37 часот — односно само 6 минути откако ќе започне затемнувањето! Тоа значи дека Сонцето ќе зајде зад хоризонтот и Пелистер многу пред да се случи пикот во 21:08 часот, па доколку останете во градот, нема да можете да го видите главното случување и максимумот на затемнувањето“, вели Трајковски.

За да се фати колку што е можно повеќе од овој астрономски настан и да се продолжи видливоста на Сонцето пред тоа да зајде, тој советуваше дека е неопходно е да се искачите на повисока точка.

„Излегувањето на некоја од повисоките позиции на Пелистер или ридовите околу Битола со отворен поглед кон запад/северозапад ќе го одложи моментот на заоѓање на Сонцето зад локалниот хоризонт и ќе овозможи да се испрати овој редок залез со гризнато Сонце. Инаку тоталното затемнување ќе се гледа во северна Шпанија (темнивиолетово на картата) и на источниот брег од Гренланд. Во Македонија најдобро и најдолго ќе може да се следи од Гостивар, поточно од с. Корито на Сува Гора“, додаде професорот.