Утре се слави Свети Антониј

Ќе се слават Свети Антонио и Свети Атанасиј, денови во кои голем број верници слават имендени и куќни слави. 

Утре, 30. јануaри православните христијани го слават споменот на преподобен Антониј Велики.

Тој е роден околу 250 година во некое село Кома близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители си го подели наследството со својата малолетна сестра, ја згрижи кај некои роднини, својот дел им го раздаде на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посвети на подвижнички живот, како што тежнееше од детството.

Најпрво се подвизуваше во близина на своето село, но за да го избегне онеспокојувањето од луѓето, се оддалечи во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затворник помина дваесет години не дружејќи се со никого освен со Бога преку непрестајна молитва, богомислие и созерцание, поднесувајќи ги неискажливо трпеливо демонските искушенија.

Неговата слава се пронесе по целиот свет и околу него се собраа многубројни ученици коишто ги поучуваше со пример и со слово на патот кон спасението. За осумдесет и петте години од неговиот подвижнички живот само двапати отиде во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на гонењето на Црквата, а вториот на повик на Св. Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес.

Се упокои во сто и петтата година од животот, а зад себе остави цела војска следбеници и ученици. Иако на беше наобразуван, им беше советник и учител на најучените луѓе на неговото време, каков што беше Св. Атанасиј Велики

Исполнет со многубројни години и добродетели, Свети Антониј се упокои во Господ во 335 година.

Именден на овој ден празнуваат и Антон, Андон, Антоанета, АнтониоДоне, Дончо, Донка, Тони...

На 31. јануари се празнува празникот Танасовден ‒ зимен, во спомен на Свети Атанасиј. 

Именден празнуваат: Атанас, (доаѓа од грчкото Атанасиос и значи бесмртен), Атанаска, Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте… 

Празникот Св. Атанасиј зимен народот го смета за средзимо, па се верува дека главните студови веќе се поминати. Затоа во народното верување тој е победник над силните студови и мразеви кои му се паднале при поделбата на должностите меѓу светците.

Сепак, како предупредување дека зимата не е замината, односно дека студовите можат да изненадат останала пословицата „Атанас фрли кожувот ја врз нас ја врз рас“. Во Гевгелиско мислеле дека Св. Атанас кој е „средзима“ и дека е лесен празник, не е аталија (кобен). Се држел како празник до пладне, а после и да се работи не се сметало за грев. Мислејќи на зимските студови овде се велело дека е тешко до Св. Атанасиј, а после и тој што е за умирање не се предава.

На Свети Атанасиј и денот е веќе подолг.