Слабо се продаваат станови и покрај тоа што се нудат за ниска цена

Агентите за недвижности предупредуваат политичката ситуација негативно се одразува на продажбата на станови која последниот месец, според нив, целосно е запрена. Сепак, дека не е се мртво на овој пазар, охрабрува статистиката која покажува дека во подем и натаму е изградбата на нови станови

Политичката криза во земјава ја запре продажбата на станови во главниот град. Иако на огласите за недвижности се нудат станови и по багателни цени, тие со месеци стојат непродадени. На пример, стан во Чаир од над 70 метри квадратни со месеци се нуди по цена од 30 илјади евра, но и со вака ниска цена никој не го купува. Според агентите за недвижности иста е ситуацијата и со новите станови што се продаваат. Од агенциите велат дека во ваква ситуација каква што е политичката воопшто не треба да се зборува за продажба на станови.

Сепак, дека се не е толку мртво на овој пазар покажуваат последните статистички податоци за градежништво од јануари годинава. Додека продажбата стагнира, статистиката покажува дека изградбата на нови станови продолжува. Податоците велат дека во јануари годинава ќе се градат 221 стан со вкупна површина од 15.696 метри квадратни. Најмногу станови, односно половина од нив, и понатаму се градат во Аеродром (115), а на второ место по изградба на станови е општина Кисела Вода (35).

Споредено со минатата година во јануари 2016 година бројките покажуваат дека изградбата на станови е во пораст. Имено статистиката покажува дека лани овој месец се граделе 187 станови.
Сепак, иако во метрополата изградбата на станови во метрополата е во постојан подем, но продажбата оди потешко од агенциите за недвижности не најавуваат некоја драстична промена во насока на намалување на цената за метар квадратен.

Во огласите на интернет-порталите за продажба на недвижности може да се види дека квадрат чини од 500 евра, па нагоре. Секако, најнадувани остануваат цените на становите во Центар, Аеродром и Карпош. Најевтини се оние што се продаваат во Гази Баба, во Железара и Ченто каде што цената во новите градба е 700 евра за квадрат, исто така и во Ѓорче Петров, Бутел, Кисела Вода каде што во постарите згради може да се најде и под 700 евра за метар квадратен. Убедливо меѓу најниските цени чини и метар квадратен во Чаир.

Според Извештајот од регистерот на цени и закупнини за Македонија на Агенцијата за катастар за недвижности еве кои се просечните цени по кои лани се продавале становите во главниот град: Центар (953 евра/м2); Карпош (898 евра/м2); Аеродром (772 евра/м2); Кисела Вода (772 евра/м2); Ѓорче Петров (691 евро/м2); Гази Баба (688 евра/м2) и Чаир (428 евра/м2)