Слабиот одѕив на референдумот во Македонија е удар за Запад, пишуваат германските медиуми

Нискиот одѕив на референдумот во Македонија претставува удар за Западот и сите тие спинови околу резултатот од референдумот не помагаат, пишуваат денеска германските весници, интернет-портали и другите медиуми.

Во дел од написите се посочува дека луѓето на Балканот веќе биле уморни од слушање на фразите „европска перспектива” и „заедница на вредности”.

Одѕивот од само 36,9 отсто, а поддршката за промена на името од 91,5 отсто од оние кои излегоа и гласаа, се податоците од референдумот во Македонија кој германски „Франкфурте алгемајне цајтунг” ги става во контекст „Приврзаниците на Владата посочија дека излезноста е де факто прилично висока. Илјадници Македонци се преселија надвор од својата татковина во последниве години, но сè уште се наоѓаат во избирачките списоци. Во некои региони кои се особено погодени од емиграцијата, би бил потребен одѕив од 70 или повеќе проценти од оние кои се навистина присутни, за да може математички да се дојде до оној процент од 50″, пренесува „Дојче веле“.