Скршено возилото поставено во Скопје: Вака загинал овој батко, ти треба да бидеш паметен и умен дечко

„Стефан М. (22) загина во ова возило една луда ноќ, поради брзи и несовесно возење. Трагичен крај на еден млад живот. Размисли и ти пред да биде доцна.„ - ваква порака пренесува парчосаното возило поставено пред скопскиот трговски центар Рамстор. Возилото сведочи за вистинска случка во која е загубен млад човечки живот како резултат на незбебедно и неодговорно учество во сообраќајот.

Овој настан се реализира во рамки на кампањата „Младост без лудост“ во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Кампањата минатата недела еше промовирана, а во наредниот период ќе се реализира во соработка со МВР, Агенција за млади и спорт, Град Скопје и другите партнери, а истата има цел да се намали бројот на загинати и на повредени млади лица во сообраќајни незгоди.

Додека Скопје Инфо ги правеше фотографиите од настанот случајна минувачка, млада мајка на своето синче му објаснуваше дека „младиот батко загинал на овој начин, ти треба да бидеш паметен, умен и одговорен возач“. Го советуваше дека треба да се поминува на пешачки, дека треба да се користи појас. „Твојот батко дома е колку овој батко што загинал, да му кажеш што сме виделе денес“ - додаде мајката.

Согласно сообраќајната статистика, во 2016 година, вкупно 165 лица го загубиле животот на патиштата во Македонија, од кои околу 40% се токму во оваа возрасна категорија. Вкупно 4000 млади луѓе, на возраст до 40 години, се тешко повредени во сообраќајни незгоди минатата година. Статистистичките податоци покажуваат дека на светско ниво, секоја година, 400.000 млади луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, или дневно се губат околу 1.050  млади животи на патиштата ширум светот. Неофицијалните статистички податоци за 2017 година, покажуваат дека за првите три месеци, вкупно 12 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои неколку се млади лица.

Возилото во престојниот период ќе биде поставено на повеќе прометни локации во Скопје и Република Македонија, а планирано е во текот на летниот период да биде поставено и низ државата, велат од РСБСП.