Скопското Кале ќе добие два музеи - Ќе прерасне во туристичка атракција

Скопското Кале во периодот што следува треба да добие нов изглед и подобрена функционалност, со цел да се претвори во една од позначајните туристички атракции во главниот град. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека Владата ќе обезбеди поддршка за реализација на планираните активности.

Според Мицкоски, уредувањето на Калето е една од задачите што треба да се реализираат во Скопје, а очекувањата се работите да започнат во текот на оваа година, додека позначајните резултати би биле видливи следната година.

Тој истакна дека досега се преземени одредени активности за подобрување на просторот, меѓу кои и хортикултурно уредување, но оцени дека сегашната состојба не ги искористува целосно потенцијалите на ова историско место.

„Очекувам во периодот којшто следи практично Калето да го добие оној лик и функционалност каква што ја заслужува“, изјави Мицкоски, додавајќи дека Владата ќе им даде финансиска и логистичка поддршка на надлежните институции.

Премиерот најави дека во процесот ќе бидат вклучени институциите надлежни за различните аспекти на проектот, како и стручни лица кои досега работеле на истражувањето на Скопското Кале.

Тој изрази очекување дека резултатите од истражувањата и содржините што ќе бидат презентирани на локалитетот ќе привлечат интерес не само кај домашните посетители, туку и кај странските туристи.

Целта е Скопското Кале да стане дел од културната понуда на градот и да придонесе за неговото позиционирање како туристичка дестинација, особено во контекст на иницијативата „Скопје – Европска престолнина на културата“.

Мицкоски нагласи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува активностите за уредување на Калето, со очекување локалитетот да го добие изгледот и функцијата што ги заслужува.

Скопското Кале е едно од најпрепознатливите историски места во Скопје, а неговото уредување и подобра туристичка презентација би можеле да придонесат за поголема посетеност и збогатување на културната понуда на главниот град.