Скопско корзо: Првата симпатија, првото вљубување кога срамежливо се будеше вечерното Скопје

„Сине порано одевме на корзо, тоа беше местото каде што за првпат ја видов мајка ти, каде редовно се шмекавме. Место преполно со мангупи, женски од сите скопски населби....“

Ова беа само дел од речениците со кои моите родители се навраќаа на минатото на првото „искачање”.

Сé што требало да се покаже во градот  се покажувало при прошетките на корзото секој ден попладне, а особено во неделите.

Корзото на главната улица “Крал Петар” било душата на градот, каде што на попладневните променади секој се однесувал според непишани правила.

Сите  на корзото знаеле каде треба да се шетаат, во својот дел на улицата. Девојките шетале на средината на улицата, а вљубените парови се шетале на главниот тротоар. По одредено време,  корзото од улицата “Крал Петар” се префрлало на “Џафте” корзо кое се простирало од улицата “Цар Душан” до Железниот мост покрај кејот на реката Вардар. Најголем број од шетачите на ова корзо биле претставници на работничката класа. 

Општата слика на корзото претставувала  разновидност на шетачи - млади, стари и деца кои продавале разни производи,  главно храна.

Во 1930 год. полициската станица на градот Скопје издала наредба за однесување на корзото. Со оваа наредба било одредено движењето на корзото, шетачите на улицата да се движат по  десната , а да се враќаат по левата страна.

Младите девојки кога се движеле на корзото се фаќале под рака со што правеле турканици, па затоа ваквото движење во групи  не било дозволено.  Родителите своите деца под 10-годишна возраст не смееле да ги носат на корзо, а било забрането возење на колички по улицата. Децата што се шетале на корзото не смееле да изгледаат неуредно, а деца без родители не смееле да се собираат во групи, бидејќи го попречувале движењето на корзото. 

Шетачите на корзото се познавале меѓу себе.  Напредните  момчиња  се истакнувале со своето однесување и  начинот на облекување.