Скопските средношколци први ќе бидат тестирани на корона-вирус

Скринингот на учениците за Ковид-19 од денеска во девет средни училишта во Скопје. Ќе се тестираат 258 средношколци. Во следните денови скринингот низ државата продолжува во Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа, соопшти Министерството за здравство.

Тестирањето на учениците, како што се посочува, ќе се спроведува во просторија одредена од страна на училиштето, а тестирањето ќе трае помалку од една минута. Истото е безболно и безбедно, со земање на брис од грло и од носна шуплина.

Целта на скринингот е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на Ковид-19 меѓу учениците.

– Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата, во интерес на децата, информираат од Министерството за здравство.