Скопските пожарникари учеа ургентна медицина

Од 9 до 19 мај во просториите на противпожарната единица во Автокоманда, се одржа интензивен тренинг на 30 пожарникари од противпожарната бригада на Град Скопје, со наслов “Одговор при ургентни ситуации”.

Овој проект веќе втора година го овозможува НВО ЛинкАкрос во соработка со Град Скопје и противпожарната единица на град Скопје.

На овој деветдневен курс, македонските пожарникари имаа можност да научат и практично да вежбаат на области како што се: идентификација и соодветна реакција на трауми, срцево белодробно оживување (CPR) и реанимација, имобилизација на повредени пациенти и соодветен транспорт, тријажа при катастрофални несреќи со голем број на повредени лица, реакција при задушување, техники на проверка на пулс и отвореност на дишни патишта, бандажирање и преврски, тимска работа во случај на несреќи и повреди, и други важни теми од областа на ургентната медицина.

По завршување на интензивниот курс, пожарникарите се здобија со сертификати за успешно поминат курс.

Инструкторите на овој курс се искусни пожарникари и медицински лица од областа на ургентната медицина од Соединетите Американски Држави, односно медицинско лице (Парамедик), медицински техничар за прва помош (EMT), и еден искусен пожарникар.