Скопските пожарникари ќе добијат нови возила

Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје годинава за првпат после 25 години ќе добие ново возило со противпожарни скали. Покрај ова, планирано е да се купат уште четири нови противпожарни возила што претставува драстично придвижување кога станува збор за обновата на возниот парк. 

Возилата ќе бидат набавени со средства обезбедени во буџетот на Град Скопје.

- Дваесет и пет години слушаме дека ќе добиеме скала за гаснење на височини, но годинава за првпат, благодарение на новата градска администрација, обезбедени се средства за набавка на вакво возило кое долго време ни беше неопходно, вели во разговор за МИА командирот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Звонко Томески. 

Новото возило со противпожарни скали планирано е да има скала со висина од околу 50 до 60 метри. 

Во моментот, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје располага со две вакви возила од 80-тите години добиени како донација од германски Нинберг, но противпожарните скали се со висина од 30-тина метри. Во возниот парк на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје има уште едно вакво возило од 1976 година. 

Возниот парк на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје го сочинуваат 50-тина возила. Дел од нив се наменети за гаснење пожар во урбана средина, за пожари на отворен простор и за пожари во приградските населби. Сите се опремени со соодветна опрема. 

Има и едно возило од 1968 година кое е наменето за гаснење на пожари од лесно запаливи течности. Возилото има резервоар од околу 2.000 килограми сув прав за гаснење на пожари. Иако е многу старо, сепак е во возна состојба благодарение на ангажираноста на раководниот кадар да го одржува.

Во однос на државите во регионот, Македонија заостанува бидејќи просечната старост на возилата е околу 28-29 години. Сите соседни држави почнувајќи од Бугарија, Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска го обвновија возниот парк во целост.