Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и абасадорката на САД, Анџела Агелер денес го најавија почетокот на реставрацијата на Скопскиот аквадукт со средства обезбедени од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД.
Министерот Љутков, за време на посетата на „Аквадуктот“, изрази благодарност до Амбасадата на САД за поддршката во делот на зачувување на културното наследство, додавајќи дека од 2001 година досега од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД, за зачувување, конзервација и реставрација на нашето културно наследство се доделени околу 2 милиона долари. Тој изрази уверување и дека со заедничка соработка и партнерство со Амбасадата на САД ќе се врати сјајот и на ова значајно културно наследство.
Амбасадорката Агелер, пак, фасцинирана од грандиозноста и убавината на „Аквадуктот“, порача дека е особено важно тој да биде ставен во функција на туризмот.
Претходно Љутков и Агелер го посетија обновениот „Споменик на слободата“ во Кочани, проект кој, исто така, се реализираше преку Aмбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство, за што беше обезбеден грант од 254 илјади долари.