Скопски тренд градини на покрив (ФОТО)

Скопје покриено со зелени покриви. Луѓе седнати во свои градини на висококатниците. Жителите од Водно ги облагородуваат дворовите и истовремено одржуваат раззеленети покривни конструкции, живеејќи во симбиоза со природата, а притоа штедејќи енергија и штитејќи го своето здравје. Скопјани со своите зелени покривни решенија ја надоместуваат загубата на градските паркови, уживајќи во својот економичен, функционален и еколошки дом. 

Досега скопјани можеа да видат зеленило на покривите единствено на Халк банка, на објект спроти Соборниот храм, на приватна градинка кај „Нова“ и на куќи во Бардовци и на Водно.Наскоро во скопски Карпош-Тафталиџе, „Адора“ ќе го изгради новиот станбен објект кој ќе има Дијамантска градина.

Зелените покриви веќе се прифатлив светски тренд, процес одговорен кон природата и одржлив концепт како логичен продолжеток на потребата да се штеди енергија. Не се најевтини, но долгорочно ги кратат семејните давачки. Поради добрата термичка изолација веќе прераснаа во традиционални конструкции во скандинавските градови, каде што поради дебелиот слој земја и вегетација успеваат да ја контролираат температурата и да ги штитат домовите.

Замислете го цел Градски ѕид обложен со вегетација.Зелените покриви, пред се, служат како филтер, колектор и склад на дождовните води. Служат како термичка изолација и го чистат воздухот собирајќи ги штетните материи. Градбите со зелени покриви и органски ѕидови се исплатливи.

Низ Европа од почетокот на 90-тите години има безброј иницијативи за зелена архитектура. Зелениот покрив редуцира и до 50 отсто енергија за топлење и ладење, а е и многу добар звучен изолатор. Го продолжува животниот век на покривот за 10 години, ја зголемува вредноста на недвижноста за 7 отсто, па многу влади се' повеќе ја применуваат идејата.

Покрај градини и зеленила на покриви на згради, во отсуство на урбано зеленило, планирани се инсталации на зелени билборди за прочистување како дел од проектот „Сити три“. Овие зелени билборди ќе бидат поставени во центарот на Скопје, како и на територијата на Тетово. Инсталациите, или вертикалните зелени површини, се очекува да бидат поставени најдоцна до крајот на годинава.