Скопски ритуал - “Ај да идеме на кафе“

Ритуалот на пиење кафе во локалните кафулиња и кафеани на скопјани датира уште од дамнешно време.Луѓе седнати во кафулињата уште од утринските часови со филџан кафе и весник или пак на трач парија со пријателите, оваа слика не е многу променета и денеска.

Денес додека сите „нормални“ луѓе пијат кафе наутро, во Скопје се пие најмногу попладне. Покрај тоа што тој период од денот се смета за време во кое луѓето се на работа, веќе по 12 часот култните кафулиња и локали во градот се преплавени од гости.

Странците кои го посетуваат нашиот град, пиењето кафе го опишуваат како ритуал. Многумина од нив велат дека интересно им е како луѓето во Скопје се однесуваат кон одењето на кафе, како важен настан самиот за себе.Доколку внимателно разгледате, ќе видите дека има голема вистина во оваа констатација.

Шетајќи се низ градот ќе забележите дека седнувањето во кафуле е пропратено со лежерен пристап, уживање и долги разговори, ретко се случува друштво да стане од кафе за помалку од час и половина. Не е тоа од мрзливост, туку заради пристапот. Заедно со кафето оди и споделувањето на сите нови информации и новости во градот, трачарењето ...

Колку одењето кафе е станато дел од нашата култура кажува и фактот што постојано се користи терминот “Ај да идеме на кафе“ дури и за обично излегување во кое никој од друштвото не пие кафе, туку нешто друго.  

“Ај да одиме на кафе“ е едноставно начин како да се договорите со некого да излезете и да се видите. Иако сите ние обожаваме кафе, сепак гледањето, друштвото и излегувањето е привчната причина за седнувањето некаде.

Дневна рутина:

Првото утринско кафе е ритуал сам за себе. Го пиеме сами, затоа што тоа се минутите пред официјално да почне денот и обврските кои следуваат и тоа се ретките моменти кои ги имаме за себе.Некогаш може да се пие кафе на нога и во брзање кога брзаме премногу, а потребна ни е доза кофеин за да се расониме. 

Кафето кое го пиеме на работа со колегите исто така има значење. Додека го пиеме кафето на работа се информираме за новостите на работното место, за тоа што треба да се направи, а измеѓу и дознаваме уште некои интересни информации. 

Попладневното или вечерно кафе секогаш го пиеме со нашите блиски и луѓето со кои сакаме да се опуштиме. И никогаш не брзаме. Секогаш бавно, опуштено, лежерно ги поминуваме тие неколку часа.

И се разбира, тука е и комшиското и маалското кафе. Особено за викенди, кога се е мрзливо, кога никој не сака да се помрдне и да се дотера за да излезе, секогаш се тука комшиите и маалските пријатели кои ќе се понудат да дојдат на кафе или вие да отидете кај нив и да пиете едно убаво јако турско кафе додека ги прераскажувате случувањата од викендот.

Во секој случај, пиењето кафе е посебен вид култура, посебно во Скопје.

Пиењето кафе е изговор за да ги споделиме нашите маки, за да се видиме, за да си раскажеме нови работи, за да се насмееме и на крај и да се запознаеме. Пиењето кафе е мерак.