Скопски општини ќе донираат финансиски средства за настраданите во Турција и Сирија

Силни земјотреси ги погодија Турција и Сирија во текот на вчерашниот ден, при што животот го загубија над 4.800 лица, а неколку скопски општини најавија финансиска помош.

Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски вчера објави дека ќе донираат средства за настраданите од земјотресот, а притоа истакна и дека остварил телефонски разговор со Турскиот амбасадор во Република Македонија.

Финансиска помош најави и општина Кисела Вода, односно градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој кажа дека е поднесена иницијатива до Советот на општината за обезбедување помош од 500.000 денари за погоденото население во Турција и Сирија.

Исто така, градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски објави дека во текот на неделата ќе се одржи вонредна седница на Советот на општината, по што ќе биде донесена одлука за обезбедување финансиски средства од буџетот на општината.

Општина Гази Баба најави финансиска помош за настраданото население од земјотресот во Турција и Сирија, а градоначалникот Бобан Стефковски поднесе иницијатива за вонредна седница на Советот со цел донесување на Одлука за определување на финансиска помош.