Скопски легенди: Кој бил првиот градоначалник по заминувањето на Османлиите

Малку се познати податоците за некогашните скопски градоначалници, кои денес речиси се заборавени. Граѓаните обично се интересираат каква промена настанала во управата на градот Скопје по заминувањето на Османлиите. Која личност била назначена за прв градоначалник во тоа време?

Честa прв да ја извршува таа функција во 1912 година ја имал познатиот политичар и трговец, Спиро Хаџи Ристиќ. Тој бил член на Радикалната партија, но имал свои бизниси и во тутунската индустрија. Бил пратеник во османлискиот парламент, а подоцна бил сенатор во периодот меѓу двете војни, како и претседател на Трговско-индустриската комора на Скопје. Се образовал во Швајцарија и во Багдад, бил професор во скопската машка гимназија. 

Спиро Хаџи Ристиќ бил градоначалник во два мандата. Од 1912 до 1915 година, кога почнало повлекувањето на војските преку Албанија и кога Скопје морало да се напушти. Вториот мандат го добил по Првата светска војна со траење од 1918 до 1920 година. Интересен е податокот дека Спиро Хаџи Ристиќ потекнува од Западна Македонија, од Тетово, поточно од селото Јeдоарце. И во двата мандата на Хаџи Ристиќ, градот веќе почнал да доживува значајни урбанистички трансформации. Донесен е првиот модерен урбанистички план, потоа почнуваат градбите што постепено му ги даваат препознатливиот дух и атмосферата на старо Скопје.

Промените ќе кулминираат некаде во периодот на 1930-тите години. За тие урбанистички промени Спиро Хаџи Ристиќ ќе запише: „Скопје се претвори во модерен европски град. Само за периодот од 10 години, во 1928 година, градот економски напредуваше...“. Забележано е дека во 1920-тите и 1930-тите години, стопанскиот, трговскиот и културниот живот во градот се развивал со полна пареа. Имало над триесет индустриски претпријатија и над две илјади трговски работилници. За тој подем на градот ќе придонесе подоцна уште еден градоначалник од Западна Македонија (од селото Тресонче), познатиот Јосиф Михајловиќ.

Спиро Хаџи Ристиќ имал проблеми не само во политиката, туку и во семејството. Неговата ќерка Дара била позната скопска убавица, скопјаните ја опишувале како „стројна, убава и сентиментална црнка“ од тетовско аџиско семејство. Со таа „згодна црнка“ се оженил никој друг туку познатиот скопски боем, поет и новинар Раде Драинац. Овој брак не траел долго поради непредвидливиот и нестабилен карактер на Драинац, кој сакал повеќе да седи во кафеана отколку дома. Распаѓањето на овој брак му донело доста проблеми на семејството Хаџи Ристиќ.

Но главните проблеми на градоначалникот, доаѓале од политиката и од неговата позиција на моќен опиумски магнат. Покрај трговијата со тутун, тој тргувал и со опиум, а се смета дека моќта во политиката постепено почнал да ја меша со сопствениот бизнис со опиумот и тутунот. Тоа подоцна ќе биде фатално по неговиот живот. Иако имало и други политички причини. Имено, познато е дека македонскиот опиум бил надалеку познат во светот. На пример, македонскиот опиум содржел од 4 до 16 проценти морфин, додека кинескиот само 3 до 5 проценти. Државната трговија и извозот постепено почнале да преоѓаат во приватни раце преку разни видови коруптивни зделки. На штета на производителите, реалната вредност на опиумот од 80 милиони, била спуштана на само 2 милиони. Тој се продавал под реалната цена. Опиумот од Македонија бил шверцуван на специфичен начин: или во охридската јагула, или во шарпланинскиот кашкавал. 

Како на тутунски и опиумски велетрговец, главен идол на Хаџи Ристиќ му бил швајцарскиот индустријалец Хофман Ларош, кој заработил огромно богатство со продажбата на препарат што бил подготвуван врз база на морфин. Скопје пред војната имало значајна улога во официјалното и дозволеното извезување на опиумот. Извозот требало да биде одобрен со посебен сертификат на лабораторијата од скопскиот Тропски институт, кој се наоѓал во кругот на денешниот Клинички центар. Во ноември 1938 година се случила трагедија со првиот градоначалник на Скопје по заминувањето на Османлиите. Тој бил застрелан со револвер во центарот на градот од еден доверител, кој бил „незадоволен од неисплатената заработувачка од страна на Тутунската задруга чиј претседател бил Спиро Хаџи Ристиќ“. Велат дека во заднината стоела политичка пресметка. 

Несомнено е дека тој бил способен и заслужен градоначалник и покрај сите перипетии во кариерата. 
Постои и еден куриозитетен податок дека првиот авион што полетал од скопскиот аеродром бил руски воен авион од марката „дукс“. Тоа се случило 1912 година, кога се собрале многу скопјани на аеродромот, а градоначалникот Спиро Хаџи Ристиќ одржал свечен говор. 

Нашиот познат етнолог Миодраг Хаџи Ристиќ е од истото семејство. Фармацевтот Владислав Ристиќ, градителот на Ристиќевата палата од 1926 година, нема никаква семејна врска со Спиро Хаџи Ристиќ.

Данило Коцевски / Нова Македонија