Скопска традиција која сè уште живее: Има ли во вашето маало познат гулабар?

Скопје е еден од ретките градови во светот во кои толку многу е присутно гулабарството. Пред земјотресот, не постоеше маало без неколкумина гулабари со карактеристичните сино-бели куќарки за нивно чување.

Гулабарството е страст кон летањето, љубов кон височините, кон овие питоми птици и нивната исклучителна убавина. Денес, традицијата сè уште живее. Во просторите каде што се останати делови од старите скопски маала, повторно има гулабари со нивните карактеристични куќарки.

Има ли поголема возбуда да го гледате гулабот-вртач (дунек) како се стрмоглавува од височина, да ги гледате елегантните лепезани или прекрасните нежни масарки во разни бои, владика, боз-владика, чакал (кафеав), пал-чакал, црн (арап), каплама, палканатки, демкиши, гушани, поштари, таклабази (високи летачи). Летачите ги влечат дунеците во воздух, а потоа со полуртија (симнување на гулабите), гулабарите ги внесуваат во ќумезот.