Скопска премиера на „Види ја ти неа“

Скопската публика ќе има можност вечер во рамки на 21. Скопски филмски фестивал да го гледа кратометражниот игран филм „Види ја ти неа“.

Проекцијата е во 19 часот во во Кино Милениум.

Филмот беше прикажан на 38. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, каде ја освои наградата Мала камера 300 по што следуваа престижните фестивали во Санденс, каде му беше доделена наградата Најдобар интернационален краток филм и 40. Клермон-Феран фестивал за краток филм, најпрестижниот фестивал на светско ниво посветен на краткиот филм.

Следуваа и 23. Кино Павасарис-Интернационален филмски фестивал во Вилниус, 65.Мартовски фестивал - Белградски фестивал на документарен и краток филм каде што освои Гран при во категоријата игран филм.

„Види ја ти неа“ моментално се прикажува на Let's CEE филмскиот фестивал во Виена, каде првата проекција се одржа пред бројна публика која добро го прифати.

Сценариото за филмот го напиша Горан Столевски кој е и режисер, а авторската екипа ја сочинуваат и Наум Доксевски-кинематографер, Влатко Чачоровски-сценограф, Жаклина Крстевска - костимограф, Братислав Зафировски- тонец, а шминката е на Наталија Кајевска.

Продуценти се Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.

Главниот лик Анета го толкува актерката Сара Климоска, а покрај неа играат и Игор Ангелов, Пируника Киселички, Антонија Белазелкоска, Милица Стојанова, Жарко Јовановиќ, Иво Антов, Виктор Арсов, Симон Манасковски, Изабела Новотни и Горан Илиќ.

„Види ја ти неа“ е копродукција меѓу Црна Мачка Продукција и Скопје Филм Студио, а истиот беше финансиски подржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.