Скопска премиера на „Отело“ на 4 декември во МНТ

По првата премиера која ќе се одржи на 16 ноември на сцената во Босанското народно позориште, Зеница – БиХ, во Македонскиот народен театар на 4 декември со почеток во 20 часот ќе биде одиграна скопската премиера на претставата „Отело“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Нина Николиќ.

Овој меѓународен проект е копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Босанското народно позориште, Зеница ― БиХ и Перипетија продукција, Скопје, во кој играат актери од двете земји, и тоа: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.

Според драматургот на претставата, Тамара Барачков, третманот на класиката во современите театарски пракси отвора простор за истражување на начинот на претставување на текстот на сцена, но и испитување, во контекст на овдешните прилики на клучните мотиви и проблеми со кои се занимава драмата.