Посетете го кањонот Матка и уживајте во неповторливиот пејсаж што го распостила овој споменик на природата.

Кањонот ќе ве воодушеви со течението на реката Треска, со тишината на десетте пештери, меѓу кои се Врело, Крштална и Убава, како и со акумулационото езеро Матка, кое придонесува за живописноста на пределот и влијае врз формирањето на микроклимата во регионот.

Ако сте вљубеник во природата или авантурист на Матка може да се занимавате со екстремни спортови - спелеологија и спелеонуркање, алпинистичко и спортско качување, кајак на диви води и планински велосипедизам, или едноставно рекреативно да пешачите по многубројните патеки.

Истражете ги и многубројните манастирски цркви како „Свети Андреа“, „Свети Никола“ и „Света Богородица“, како и големиот број археолошки остатоци од повеќе антички и средновековни населби со значајна историска и културна вредност.