Нема ни еден крај во нашата држава кој на толку мал простор има толку многу манастири и цркви колку ги има подпланинскиот предел на Скопска Црна Гора.
Во своите 11 села има девет манастири и околу дваесет поголеми и помали цркви. Поради тоа тој предел во минатото населението – Црногорците, понекогаш го нарекувало и „Скопска Света Гора“
Старите храмови зидани се од делкан камен со вметнати цигли во редовите. На вратите и прозорците има плочи поплочени со мермер.
Тоа се претежно владетелски манастири од првокласна вредност, градени во 13 и 14 век. Се одликуваат со познатиот словенско-византиски стил.
Во минатото во Скопска Црна Гора имало многу свештеници и калуѓери.
Во Скопска Црна Гора се наоѓаат уште и остатоци од тврдини, кули, гробови, како и бројни типични стари куќи. Секое село има по неколку културно-историски споменици.