Скопје за Божик со миленикот на светската класика Џулијан Рахлин

За годинешниот Божикен концерт на 7 јануари, Македонската филхармонија најавува вистински музички празник со интернационалната ѕвезда во класичната музика виолинист и диригент Џулијан Рахлин.

Славниот виолинист, кој и ќе диригира со оркестарот, ќе изведе виенски маршеви, романтични увертири, популарни танци, љубовни теми, дела од Росини, Чајковски, Штраус, Глинка, Годовски, од Крајслер.

Џулијан Рахлин е еден од највозбудливите и најпочитувани виолинисти на нашето време. Во последните 27 години, тој ја освои публиката низ целиот свет, се префрли и во сферата на диригирањето, а почна да настапува и на виола.

Тој е прогласен за амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. Роден е во Литванија во 1974 година, но се преселил во Виена во1978. Студирал виолина со еминентниот педагог Борис Кушнир на Виенскиот конзерваториум, стекнувајќи го основното образование од руската традиционална виолинистичка школа, а земал приватни часови кај маестралниот Пинхас Цукерман, кој му ја внел страста и за свирење виола.

Меѓународна слава стекнува, буквално, преку ноќ, кога во 1988 година ја добива наградата "Млад музичар на годината" на Евровизискиот меѓународен натпревар во Амстердам. Тогаш е забележан од маестро Лорин Мазел, кој ќе го покани да настапи на Берлинскиот фестивал со Францускиот национален оркестар, и на европска и јапонска турнеја со Питсбуршките симфоничари. Рахлин ќе стане и најмладиот солист што некогаш свирел со Виенската филхармонија, правејќи го своето деби со маестро Рикардо Мути.

По препорака на Марис Јансонс, пак, студирал диригирање со Софи Рахлин. Од почетокот на својата кариера, всушност, тој свири со најголемите светски оркестри и со врвни диригенти.Особено е забележана дискографијата на Рахлин, кој снима за сите врвни куќи, како  "Дојче грамофон", "Сони класикал" и "Варнер класикс" , добива високи квалификации и награди.