Скопје во недела под целосна блокада – по два дена хаос, следува уште поголем метеж!

Во недела, 5 октомври, со почеток од 08:00 часот ќе се одржи „Скопскиот маратон 2025“, на кој ќе се трчаат трки на 5 километри, полумаратон, маратон и штафетна трка.

Стартот на трката на 5 километри е на улицата „11 Октомври“ кај Зелен пазар, со движење низ булеварите „Крушевска Република“ и „3-та Македонска Бригада“, а целта е на плоштад „Македонија“. Главната траса на маратонот, полумаратонот и штафетната трка ќе започне пред Собранието на РСМ, со движење низ централното градско подрачје, Аеродром и повторно враќање на плоштад „Македонија“.

Од МВР информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен сообраќаен режим, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици.

Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници и да покажат трпение за време на одржувањето на настанот, со цел да се овозможи непречена реализација на маратонот и безбедност на учесниците.