Скопје: Уапсени 19 лица за катастарски малверзации

Вкупно 19 лица од кои девет актуелни и двајца поранешни вработени во Агенцијата за катастар на недвижности, еден сопственик на приватна геодетска фирма од Скопје и седум лица кои незаконски се стекнале со недвижен имот се уапсени од страна на Финансиската полиција.

Се товарат за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ „Соизвршителство“, „Примање поткуп“, „Поднесување на лажни докази“ и „Помагање“.

Оперативната обработка „Геодет“, Финансиската полиција ја отвори како резултат на официјалната пријава од Агенцијата за катастар на недвижности чиј што Сектор за внатрешна контрола при редовните контроли во Центарот за катастар на недвижности во Скопје детектирал поголем број на предмети кои од страна на службените лица не се постапени согласно Законот за катастар на недвижности и подзаконските акти донесени согласно овој закон.

Финансиската полиција утврди дека главен организатор на криминалот е Т.Б(33) до скоро вработена како дипломиран правник во скопскиот катастар, а во шемата биле вклучени и шалтерски работници, поголем број на геодети и тројца раководители.

Шемата била идентична кај речиси сите предмети и со мали исклучоци се одвивала на два начина. Првиот начин за криминално запишување права на недвижности бил преку поднесување на фиктивни пријави за запишување со фалсификувани документи или без никакви документи од страна на лицата на кои требало да им биде запишан определен имот на шалтер во скопскиот катастар кај однапред договорен шалтерски работник од каде потоа од страна на еден од осомничените раководители и бил доделуван на првоосомничената Т.Б.

Вториот начин кој им бил полесен за спроведување и е почесто користен е начинот каде еден од осомничените раководители искористувајќи ја својата службена положба и овластување, отворал службен предмет за наводна исправка на некоја техничка грешка во катастарот на недвижности и потоа спротивно на процедурите за постапување во Агенцијата за катастар на недвижности, предметот наместо на геодет директно и го доделувал за работа на пријавената правничка Т.Б која крајно носела одлука што ќе биде запишано во катастарската евиденција.

Ваквата криминална шема групата ја започнала од крајот на 2014 година и траела се до средината на 2015 година кога се и откриени.

По наредба на судија на претходна постапка кај двајца од пријавените кои се обвинети за примање поткуп извршен е претрес во нивните домови при што кај првоосомничената се пронајдени дел од документи кои се однесуваат на криминално запишаните недвижности заради што овие докази ќе бидат приклучени кон кривичната пријава.
 
Сите уапсени во текот на вторникот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1-Скопје кој треба да одлучи дали пријавените ќе завршат во притвор или ќе се бранат од слобода.