Скопје танцовиот театар од понеделник бесплатно ќе емитува претстави онлајн

Интерарт културниот центар ги мобилизира сите кадровски капацитети и уметнички потенцијали и во следниот период ќе остварува онлајн активности, со цел да продолжиме со работа во новонастанатите услови, соопштија од Центарот.

Скопје танцовиот театар од 23.03.2020 година (понеделник) во периодот помеѓу 18:00 и 20:00 часот, ќе започне со бесплатно емитување на претстави во сопствена продукција, од архивата со која располага.  Овие емитувања ќе бидат преку каналот на Скопје танцовиот театар на Јутјуб, секој работен ден (од понеделник до петок), додека за репертоарот и дополнителните активности јавноста секојдневно ќе биде информирана.

Емитувањето на кореографиите на нашите уметници, како и на гостите-странци на Скопје танцовиот театар, ќе ги поврземе со интеракција со платформата Инкубатор програма за млади уметници, (https://www.inkubator.com.mk/), наменета за млади уметници во областа на современиот танц, музиката и визуелните уметности, велат од Центарот.

Од Интерарт културниот центар ги повикуваат сите млади уметници кои се заинтересирани, да се вклучат во оваа иницијатива преку испраќање свои видеа, инспирирани од претставите кои ќе се емитуваат, снимени како ’варијација на тема’ во простор ограничен на 2 метри квадратни. Сите заинтересирани своите видеа ќе може да ги испратат на електронската адреса info@inkubator.com.mk, во период во кој дополнително ќе бидат објавени.

Во овие активности ќе учествува целиот тим на Скопје танцовиот театар, предводен од Рисима Рисимкин и Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Тринга Хиса, како и Матеа Мијановиќ и Александра Димитровска.