Скопје танцовиот театар бесплатно ќе емитува претстави во сопствена продукција на својот Јутјуб канал

– Скопје танцовиот театар соопшти дека од денеска, 23 март, од 18:30 часот на својот Јутјуб канал ќе почне со бесплатно премиерно емитување на претстави во сопствена продукција, од архивата со која располага, со цел да допрат до публиката и сите љубители на танцот.

– Вечерва, на нашата фејсбук страница ќе биде поставен директен линк до Јутјуб каналот каде публиката ќе може премиерно да ја проследи претставата „СМС (сите мои слики)“ во кореографија на Рисима Рисимкин, на музика на Дуке Бојаџиев, сценографија на Матеа Мијановиќ, а костими на Благој Мицевски, информира Скопје танцевиот театар. Во претставата, како што се наведува во соопштението, настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Тринга Хиса, Валентино Апостоловски, Јакуб Мунко, Матеа Киселичка, Александра Петрушевска, Дора Кокољ, Андријана Андреева, Роберт Кентер (Холандија), Ефтимиос Цимагерис (Грција), Патрик де Кирко (Италија), Ана Марковска, Елена Здравевска. Претставата е премиерно изведена во 2015 година, а истата година во мај, гостуваше на најголемиот фестивал во Пекинг „Средба во Пекинг“ во култната зона „Арт дистрикт 798“. Од Скопје танцевиот театар соопштуваат дека програма за оваа недела, љубителите на танцот ќе може да ја видат во целост на нивната фејсбук страница.