Skopje Street Music Festival – ќе се одржи од 21 до 24 следниот месец

Првиот фестивал на улични музичари во главниот град – Skopje Street Music Festival – ќе се одржи од 21 до 24 следниот месец. Во четирите фестивалски дена на шест локации жителите на Скопје, како и сите добронамерници што ќе поминат, ќе имаат можност да чујат разновидна музика изведена од врвни музичари, но и од аматери.

„Уличните фестивали нудат една посебна убавина и магија, пред сè заради непосредноста и интеракцијата што се создава помеѓу изведувачите и публиката. Ваквите настани на отворено се многу значаен фактор за развој на културното живеење во градот. Нашата визија е да создадеме фестивал што ќе ги урне стереотипите за уличната уметност и ќе ја направи квалитетната музика достапна за сите граѓани“, велат организаторите на фестивалот.

Покрај домашните, на фестивалот предвидено е да настапат и улични музичари од Хрватска, Србија и од Грција. Сите заинтересирани соло музичари, музички групи и улични артисти може да се пријават на конкурсот што ќе трае до 23 мај. Повеќе информации и апликацијата може да се најдат на овој линк. Конечната листа на изведувачи ќе биде направена по завршување на конкурсот од страна на селекторот на фестивалот.

Организаторите очекуваат содржина што ќе биде интересна, оригинална и достојна на една метропола и која ќе ги надополни и збогати атмосферата и амбиентот на Скопје за жителите и за туристите. Со понудената програма Скопје ќе се вброи на мапата на улични музички фестивали, на која веќе се наоѓаат голем број градови од речиси сите европски земји. Фестивалот се организира под покровителство на Град Скопје, а коорганизатор е ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“.