Скопје станува вистинска метропола: Нoв забавен пaрк и електрични автобуси кои ќе минуваат низ реконструирани булевари

Модерен Луна парк, електрични автобуси и минибуси реконструкција на улици и булевари во сите скопски општини, ови мега проекти вчера ги најави градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, кои ќе бидат реализирани во 2017 година.

 

Модерен Луна парк

По години одолговлекување, конечно, Скопје ќе добие нов, модерен Луна парк. Градскиот парк ќе добие ново катче на кое најмногу ќе му се радуваат најмладите.

Градските власти одбраа изведувач на градежните работи и партерното уредување, а истите ќе бидат поделени во фази, паралелно со набавката на реквизитите кои ќе бидат на располагање во паркот. За неполн месец, се очекува да бидат избрани и фирмите кои ќе работат на монтирање на справите на лице место.

Градоначалникот Коце Трајановски со доста оптимизам рече дека се надева дека до следното лето, 2017 година, справите ќе бидат на своите места и дека ќе биде готово партерното уредување. Целиот проект, предвидено е да биде готов за период од 3 години. Секоја година, соодветно ќе се распишуваат тендери за реквизитите кои би требало да го пополнат просторот.

Вредноста на проектот се движи помеѓу 4 и 5 милиони евра. 

Електрични автобуси и минибуси

Трајановски заедно со Владата на Република Македонија до крајот на годината ќе распишат тендер за набавка на нови 20 долги електрични и 30 електрични минибуси за градот Скопје.

-Градот Скопје заедно со Владата на Република Македонија планира набавка на 20 зглобни или долги електрични автобуси и 30 минибуси. Нивната вредност би требало да биде некаде околу 20 до 25 милиони евра, со оглед на тоа дека еден од зглобните автобуси чини некаде околу 600 до 650 илјади евра, додека пат минибусите некаде од 300 до 350 илјади евра. Се разговара и со Владата на Република Македонија, а особено со Министерството за  финасии и Министерството за транспорт и врски околу начинот на обезбедувањето на финансиските средства, изјави градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски.

Тој посочи и дека кон крајот на оваа година или почетокот на следната година очекува да се распише тендер за набавка на овие електрични автобуси, така да потоа од подготвеноста на набавувачот  треба да почне доставувањето на овие електрични автобуси.

-Електричните автобуси ќе значат многу за градот Скопје, прво од еколошки аспект тие се многу значајни, практично тоа ќе биде зелената линија на градот Скопје и најпрво ќе бидат поставени на линијата на која што беа предвидени. Набавката на овие електрични автомобили ќе бидат десет пати поевтини, него кога би правеле транвај за истата должина и истиот капацитет на пренос на луѓе со тоа што дополнително нема да бидат раскопувани улиците и  ќе се движиме во трендот како што се движи светот, потенцираше Трајановски.

Ќе се реконструираат улици и булевари во сите општини

До средината на следната година ќе бидат завршени сите оние булевари кои во моментов се градат во градот Скопје, како што се булеварите „Србија“, „Борис Трајковски“, „Трета Македонска бригада“, „Христијан Тодоровски Карпош“,  информира градоначалникот Коце Трајановски.

Нивната вредност е голема, секој чини по неколку милиони евра. Градот Скопје најавува градежен бум во секоја општина.

-Ова се проекти кои ќе значат многу за подобрување на сообраќајот и движењето на возилата во градот Скопје, за екологијата, за безбедноста. Исто така, најавуваме и нови проекти кои што ќе значат и дополнително подобрување на сообраќајот  во Скопје. Во секоја од општините, ниту една општина нема да биде заборавена. Во Сарај ќе се реконструира главната улица, во Ѓорче Петров ќе има реконструкција на вториот дел од „Борис Сарафов“ заедно со атмосферска канализација. Во Карпош ќе се реконструира улицата Лондонска и кружниот тек кај Хубо маркет. Во Центар ќе работиме на кракот од „Теодосиј Гологанов“ до „Климент Охридски“, кружниот тек, проектирањето на јужниот булевар од кружниот тек до рампата Кисела Вода, со неколку кружни текови позади Рамстор, истакна Трајановски.

Во општина Кисела Вода ќе се реконструира вториот дел од „Народни херои“ и „Есенинова“. Во општина Аеродром, пак, ќе се реконструираат „Февруарски поход“, „Васко Каранѓелески“ од Мајчин Дом до хотел Русија. „Васко Каранѓелески“ со новите реконструкции ќе биде целосно пробиен како што е предвидено.

-Во општина Гази Баба ќе биде проширувањето на влезот во градот Скопје, на булеварот „Александар Македонски“  од Агро сервис до АСУЦ. Во Чаир ќе биде реконструирана Пластичарска улица односно „Никола Карев“ и реконструкција на Втора Македонска бригада, од седиштето на општина Чаир, па се до „Лазо Трпковски“ до кружниот тек кој веќе е направен. Во општина Бутел, ќе ја завршиме улицата „Александар Урдаревски“ и исто така се надевам дека ќе ја започнеме „Боца Иванова“ од кружниот тек до „Христијан Тодоровски-Карпош“ кој сметаме дека ќе биде завршен следната година. Во општина Шуто Оризари атмосферската канализација на „Индира Ганди“ и целосна санација и реконструкција, истакна градоначалникот на Град Скопје.