Скопје со осуди за провокациите од Бугарија, се очекува реакција од Софија

Изминатиот викенд помина со многу тензии меѓу македонската и бугарската страна, а сè почна со навредите од бугарските државјани кон македонската полиција на граничниот премин „Деве Баир“, по што продолжи со каменувањето на македонскиот клуб во Благоевград.

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски ги осуди инцидентите на македонската граница, како и каменувањето на клубот, по што побара реакција од бугарските власти.

- Најостро го осудувам вандалскиот чин на каменување на „Македонски културен клуб – Никола Вапцаров“ во Благоевград, Република Бугарија. Вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, а се разбира и откривање и соодветни казни за сторителите на овој чин.

Истовремено, изразувам жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Република Бугарија предводени од пратеници во нивниот Парламент. Изразувам жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции. На припадниците на полицијата и надлежните органи им честитам за достоинството и професионализмот при справувањето со агресивните вандали.

Исто така, сакам да се осврнам и на изјавата на поранешниот амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија, а сегашен пратеник во Европскиот Парламент, Александар Јорданов, која содржи навреди и погрдни фрази за македонскиот народ, потполно недолични за еден дипломат и пратеник во Европскиот Парламент. Во овој случај сакам да додадам дека не станува збор само за отсуство на елементарна култура кај именуваниот, туку и за најостра форма на говор на омраза, која е без преседан во историјата на македонско-бугарските односи. За жал, територијалните претензии и негирањето на македонската нација станаа секојдневие, напиша Пендаровски.

Реакција имаше и од премиерот Димитар Ковачевски, кој очекува од надлежните институции во Бугарија да се најдат сторителите кои го оштетиле македонскиот клуб.

- Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодветсвуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Министерството за надворешни работи на Македонија, исто така, најави дека ќе упати писмо до Европскиот парламент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на бугарскиот европратеник Александар Јорданов, кој со погрдни зборови се обрати на Македонците.